Скандалозно е барањето на Софија да учествува во процесот на уставните измени во земјава, оценува македонскиот претседател Стево Пендаровски. До оваа реакција доаѓа откако бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков вчера изјави дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во постапката за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.
„Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите кои ги окупираат. Во 21-ви век е апсурдно и не примерно да барате да се мешате во внатрешните политички и уставно-правни процеси на која било држава. И мислам дека во таа смила нашиот одговор преку МНР вчера беше на место“, дециден е Пендаровски.
Видете и ова: Бугарија сака да биде дел од процесот на уставни измени во МакедонијаНа бугарското барање реагираше и македонското Министерство за надворешни работи кое истакнува процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на земјава, кое како обврска е поврзано со пристапните преговори за членство во ЕУ.
Видете и ова: МНР: Уставните измени се внатрешно прашање на Северна МакедонијаВо однос на условувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе учествува во процесот на уставни измени доколку се прифати хрватскиот модел, Пендаровски вели дека дебатата за концептот околу мнозинства и малцинства во Северна Македонија е надмината и завршена со Рамковниот договор во 2001 година.
„И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин „национални малцинства“ туку имаше „народи“ и „народности“. Зошто? За да не навредиме никого кој живее тука, а е како бројка помалку од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа,“ вели Пендаровски.
Тој додаде дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за хрватскиот модел на Устав засега нема согласност од другите политички партии.
Претставник од кабинетот на Пендаровски во работната група во Министерството за правда за изготвување на уставни амандмани ќе биде назначен професорот од Правниот факултет Александар Спасов. Тој е советник во кабинетот на претседателот за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов да може земјата да почне да ги отвора поглавјата во преговорите со Европската унија. Министерството за правда испрати барања за номинација на членови и експерти, кои можат да се пријават и да бидат дел од работната група, која треба да ги утврди амандманите за промена на Уставот. Рокот што им го дале за да предложат експерти е до 10 април 2023 година.