Кинески воени бродови во близина на Тајван по средбата на Цаи со Мекарти

Посетата на претседателката на Тајван на САД

Министерството за одбрана на Тајван објави дека еден хеликоптер и три кинески воени бродови биле забележани во близина на Тајван.

„Еден авион на кинеската армија и три брода на кинеската морнарица беа забележани во 6 часот по локално време“, се вели во соопштението на Министерството, пренесе агенцијата АФП.

Министерството ја соопшти информаијата по средбата на тајванската претседателка Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на САД Кевин Мекарти во Лос Анџелес.

Посетата на претседателката на Тајван на САД е историска, но и политички чувствителна во услови на зголемени тензии со Кина, која тврди дека Тајван е нејзина територија.

Кевин Мекарти се состана со тајванскaтa претседателка Цаи Инг-вен во Калифорнија. Тој е првиот висок американски политичар што се сретнал со тајвански лидер на американско тло од 1979 година, и покрај заканите за одмазда од Кина.

Видете и ова: Кина им се закани на САД со последици поради американскиот воен брод

Кинеското Министерство за надворешни работи го осуди состанокот во Калифорнија и рече дека ќе го брани својот суверенитет.

„Кина цврсто се спротивставува и остро ги осудува овие дела“, изјави портпаролот на кинеското министерство, а пренесе државната новинска агенција.

„Како одговор на сериозно погрешните акти на дослухот меѓу Соединетите држави и Тајван, Кина ќе преземе решителни и ефективни мерки за заштита на националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, соопштија од министерството.

Во соопштението на Комитетот за надворешни работи на Националниот народен конгрес, како што јави државната агенција, се наведува дека дејствијата на Мекарти „сериозно ја прекршиле обврската што САД ја презедоа за прашањето за Тајван“.