Од Путин и Макрон до Груби и Жан Митрев
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин на новата американска амбасадорка во Москва, Лин Трејси, ѝ кажал дека Вашингтон е одговорен за „украинската криза“.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за надворешни работи информира дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Република Северна Македонија, која како обврска е поврзана со пристапните преговори за членство во Европската унија. Соопштението на МНР доаѓа откако претходно шефот на бугарската дипломатија Николај Милков на брифинг со новинарите кажал дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.
МАКЕДОНИЈА - Поради важноста за реализација на започнатите проекти за изградба на патните правци Скопје - Блаце, Кичево - Букојчани, железницата Кичево - Лин, заедничките гранични контроли со Република Албанија и Република Косово и реализацијата на Коридорот 8, Владата на Република Северна Македонија го назначи Артан Груби, прв заменик на премиерот, за координатор за следење на работите и за координација на сите активности, со цел нивна навремена реализација, соопшти владината прес-служба.
САД - Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека нема сомнеж оти Русија неправедно го приведе новинарот на американскиот „Волстрит журнал“, кој минатата недела беше уапсен под обвинение за шпионажа, пренесе агенцијата АП.
ПОЛСКА - Полска работи на добивање дополнителни безбедносни гаранции за Украина на самитот на НАТО што ќе се одржи во јули во главниот град на Литванија, изјави полскиот претседател Дуда на заедничката конференција со украинскиот претсeдател Володимир Зеленски кој е во посета на Полска.
ЕУ - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, најави дека лидерите на Србија и Косово на следниот состанок ќе усвојат заедничка декларација за исчезнатите лица.
ФРАНЦИЈА / КИНА - Кина има „водечка улога“ во пронаоѓањето на патот за мир во Украина, ова денеска го порача францускиот претседател Емануел Макрон, на почетокот од неговата тридневна посета на Пекинг.
ХРВАТСКА / МАКЕДОНИЈА - Внесувањето на Хрватите во македонскиот Устав ќе значи продлабочување на соработката меѓу двете држави, но без разлика што се споменува хрватскиот модел, апелирам македонските институции и политичките партии да најдат решение што е својствено за вашата земја, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на Скопје.
МАКЕДОНИЈА - Илија Спасески, еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков, на денешното рочиште во судот во Охрид рече дека не се чувствува за виновен за претепувањето на Пендиков.
МАКЕДОНИЈА - ДКСК веќе добиле дел од потребната документација за предметот што го отворија во однос на проектот за коридорите 8 и 10д, како и ја очекуваат останатата документација, изјави претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска. Ивановска најави дека на овој предмет ќе му дадат особено значење со цел, како што нагласи, да ја извадат на виделина вистината.
МАКЕДОНИЈА - Судењето на кардиохирургот Жан Митрев и неговата приватна болница повторно се одложи за 12 мај. На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје беше присутен Жан Митрев со неговите бранители, додека пред судската зграда беа собрани десетина оштетени граѓани, кои држеа транспаренти „Профитер на грбот на болните" и „Бараме правда".
БИХ - Фадил Новалиќ, премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина е осуден на четири години затвор за незаконско однесување при набавка на кинески респиратори за време на пандемијата со ковид 19. Судот на Босна и Херцеговина изрече првостепена пресуда против Новалиќ и другите обвинети, суспендираниот шеф на цивилната заштита Фахрудин Солак и сопственикот на земјоделската компанија „Сребрена малина“, Фикрет Хоџиќ.
МАКЕДОНИЈА - Во трговијата на мало од денеска килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари. Инспекцијата била во контрола и изјавија дека мерката се почитува. Граѓаните и продавачите - незадоволни.