Министерството за надворешни работи информира дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Република Северна Македонија, која како обврска е поврзана со пристапните преговори за членство во Европската унија.
„Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија, претставени во парламентот и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија. Такво барање ниту е пристигнато, ниту е разговарано меѓу министрите Османи и Милков“, стои во соопштението на МНР.
Северна Македонија останува посветена на продолжување на политичкиот дијалог со Бугарија, во духот на добрососедството и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, за што се надева на што поскоро формирање на новата бугарска Влада, додаваат оттаму.
Соопштението на МНР доаѓа откако претходно шефот на бугарската дипломатија Николај Милков на брифинг со новинарите кажал декаБугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.
Тој очекува одговор од Скопје и продолжување на разговорите за намалување на тензиите.Подготвени сме да разговараме и да ги разгледаме промените, што тие ги прават, кажал Милков.