Израелската полиција уапси повеќе од 350 луѓе по судирите во ерусалимската џамија Ал Акса откога полицајците влегле во џамијата за да ги избркаат „агитаторите“ кои биле внатре наоружани со огномети, палки и камења.
Ваквиот потег го осуди палестинското исламистичко движење Хамас.
Насилството се случи во време на зголемени тензии, бидејќи светиот муслимански месец Рамазан се совпаѓа со еврејскиот празник Пасха.
Хамас, кој владее со Појасот Газа, ги повика Палестинците на Западниот Брег „масовно да одат во џамијата Ал Акса за да ја бранат“.
Палестинските милитанти одговорија со ракетен оган врз Израел од Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас, што поттикна одмазднички израелски воздушни напади, пренесува АФП.
Видете и ова: Десет Палестинци загинаа, 102 се ранети во израелска рација на Западниот БрегПалестинската Црвена полумесечина соопшти дека се повредени 50 лица. Исто така, израелската војска соопшти дека еден војник бил застрелан на окупираниот Западен Брег.
Арапската лига објави дека ќе одржи итен состанок денеска попладне поради нападот на израелската полиција во џамијата Ал Акса. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел работи на смирување на ситуацијата.
„Израел е посветен на одржување на слободата на верување, слободен пристап до сите религии и нема да дозволи насилните екстремисти да го променат тоа“, изјави Нетанјаху.
Во меѓувреме толпа Палестинци се собраа околу полициската станица чекајќи ги своите најблиски да бидат ослободени од притвор, објави Асошиејтед прес (АП).
Луѓето кои го напуштаа притворот рекоа дека полицијата употребила палки, пиштоли и се друго што може да најде за да ги претепа, вклучително и жени и деца, кои одговориле со петарди и камења. Пред портата на џамијата полицијата растера толпа млади момчиња со шок-бомби и гумени куршуми.