Кина има „водечка улога“ во пронаоѓањето на патот за мир во Украина, ова денеска го порача францускиот претседател Емануел Макрон, на почетокот од неговата тридневна посета на Пекинг.
Пред средбата со кинескиот претседател, Си Џинпинг која треба да се одржи утре, Макрон рече дека Франција ќе се обиде да соработува со Кина „за мирот и стабилноста“ во Украина.
„Кина, со нејзините блиски односи со Русија, кои беа потврдени во последните денови, може да одигра важна улога“, рече тој, истакнувајќи го категоричното противење на Пекинг за употребата на нуклеарно оружје во Украина, како и предлогот за мир меѓу Киев и Москва.
Првото патување на францускиот претседател во Кина по четири години треба да биде знак за војната во Украина, а официјален претставник од неговиот кабинет им изјави на новинарите дека ќе се обиде да остане цврст во преговорите со Џинпинг, пренесува агенцијата Франс прес.
Целта на посетата на Макрон меѓудругото е и зачувување на трговските врски на Кина со Европа, како и заштита на француските интереси во азиско-пацифичкиот регион.
Пред да замине за Кина, Макрон разговарал со американскиот претседател Џо Бајден, пред неговата посета, соопшти Белата куќа.
„Двајцата лидери ја изразија својата заедничка подготвеност да ја ангажираат Кина да го забрза крајот на војната во Украина и да учествува во градењето одржлив мир во регионот“, се вели во соопштението од кабинетот на Макрон.
Во четврток Макрон ќе има интензивен ден на разговори со својот кинески колега Си Џинпинг, на кој ќе учествува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Иако францускиот претседател имаше намера редовно да ја посетува Кина, поради пандемијата на корона вирусот, тој последен пат го посети Пекинг во 2019 година.
Француското претседателство смета дека Кина е единствената земја која може да ја „помести“ ситуацијата „на добро или во лошо“. Исто така, само Европејците можат да им кажат на Кинезите колкаво влијание има војната во Украина врз Европската унија и да укажат на интересите на Кина, бидејќи ЕУ е еден од главните трговски партнери на Пекинг.
„Ако се префрлите „на страната на војната“, тоа ќе има исклучително силно стратешко влијание“, ова ќе биде една од пораките што Макрон ќе ги пренесе во Пекинг, пренесе агенцијата АФП.