Внесувањето на Хрватите во македонскиот Устав ќе значи продлабочување на соработката меѓу двете држави, но без разлика што се споменува хрватскиот модел, апелирам македонските институции и политичките партии да најдат решение што е својствено за вашата земја, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на Скопје.
„Она што мислам дека би било добро е да се постигне консензус зад кој може да застанат сите. Зад кој може, пред сѐ, да застане народот и нивните политички претставници и кои, според моето длабоко уверување, а јас го следам вашиот процес скоро 30 години, ќе ги намалат фрустрациите и ќе ги елиминираат неправдите кои се случуваат кон Северна Македонија во изминатите години“, рече Пленковиќ на прес конференција со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски.
И Ковачевски смета дека моделот на уставните промени треба да се автентичен македонски модел, базиран на македонски консензус, со македонска политичка волја и со визија за европска Македонија. Запрашан дали за него е прифатлив предлогот на опозицијата, уставните измени да се направат според моделот на хрватскиот Устав, Ковачевски со став:
„Мислам дека ни е потребен консензус за прашањето на нашето членство на ЕУ. Опозицијата бара хрватски модел, една друга партија спомена швајцарски модел, но нас ни треба модел кој ќе одговара на македонското општество и на нашите закони. Јас сум да донесеме уставни измени со кои ќе ги отвориме кластерите и ќе станеме земја членка на ЕУ до 2030 година со заштитен македонски јазик и со заштитена култура и идентитет“, рече Ковачевски.
Видете и ова: Пендаровски - Уставните измени да влезат во процедура најдоцна следниот месецНеодамна од опозициската ВМРО-ДПМНЕ испратија јавна понуда до власта при промена на Уставот на државата да се примени хрватскиот модел во целост во однос на Преамбулата. Примената на хрватскиот модел според нив би значело дека „Македонија ќе биде држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинствата, кои живеат тука.“
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски го повика Ковачевски на лидерска или на тв дуел за да го образложат нивниот предлог. Ковачевски денеска му одговори дека дебатата за уставните измени не се води на телевизиски дебати.
„Дебата за уставни измени не се води на телевизија и кога се пуштаат градежни работи на канализациони цевки во одредени општини, туку во експертска работна група во која секоја партија делегира свои претставници и каде врз основа на уставно право и она што е пропишано се дефинираат амандмани кои потоа се ставаат на јавна расправа. Потоа процесот се сели на јавна расправа во општеството и на крај велгува во Собрание, рече Ковачевски.
Инаку, Министерството за правда најави дека до крајот на следната недела ќе биде формирана работната група за уставните измени, која треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија.