Украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува за Полска додека украинските сили продолжуваат да пружаат отпор на истокот од земјата каде руските војници со месеци се обидуваат да го заземат Бахмут и неколку други градови во регионот на Донецк.
„Четворица цивили загинаа, а 11 се ранети во областа во руското гранатирање во текот на ноќта“, изјави денеска гувернерот на регионот, Павло Кириленко.
Три лица се ранети во руските бомбардирања во јужниот регион Херсон, соопшти регионалната администрација, а едно лице е рането во регионот Суми, соопштија локалните власти.
„Украинските бранители одбија повеќе од 60 руски напади во изминатите 24 часа“, објави во средата Генералштабот на Украина, додавајќи дека повеќето од нападите се насочени кон Бахмут, Авдијивка и Маринка.
Московските сили лансирале вкупно 17 беспилотни летала од иранско производство во текот на ноќта, соопшти војската, без да даде детали.
Зеленски во Варшава треба да се сретне со претседателот Анджеј Дуда и премиерот Матеуш Моравјецки, соопшти полското претседателство.
Видете и ова: Полски тенкови „Леопард“ испратени во УкраинаПолска е клучна во мобилизирањето на западната воена и политичка поддршка за нејзиниот источен сосед од почетокот на руската инвазија пред повеќе од една година.
Варшава ѝ обезбеди на Украина и директна воена помош, вклучително и борбени авиони МиГ-29, од кои некои пристигнаа во Украина во вторникот.
Посетата на Зеленски „треба да се гледа како знак на доверба и благодарност на Украина кон Полска и Полјаците“, рече помошникот на полскиот претседател Марчин Пржидач.
Полска, исто така, е домаќин на околу еден милион украински бегалци, а Зеленски, придружуван од Дуда, ќе се сретне во кралскиот замок во Варшава со некои од Украинците кои нашле засолниште во таа земја.