Гугл и Цар Борис

САД - Извршниот директор на групацијата за луксузна стока ЛВМХ (LVMH), Бернар Арно, и наследничката на козметичкиот бренд „Лореал“, Франсоа Бетенкур Маерс, се најдоа на врвот на листите на „Форбс“ за најбогат маж и најбогата жена во светот годинава.

САД - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој е и фаворит за кандидат на Републиканците за изборите во 2024 година, се изјасни за невин по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни податоци, пред судот во Менхетен.

ИНДИЈА - Најмалку шест туристи, меѓу кои и едно дете, загинаа, 11 се повредени, а повеќе луѓе останаа заробени откако голема лавина денеска затрупа група туристи на Хималаите во Индија.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Стотици вработени во Гугл денеска ја прекинаа работата во канцелариите на компанијата во Лондон по спорот околу отпуштања. Во јануари, матичната компанија на Гугл, Алфабет, соопшти дека отпушта 12 илјади луѓе ширум светот, што е шест отсто од вкупниот број вработени.

ФИНСКА / БЕЛГИЈА - Финска денеска стана 31-ва членка на НАТО, со што е завршена историската промена на безбедносната политика на земјата предизвикана од руската инвазија врз Украина.

MAKEDONIJA - Вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм и денеска, повторно како и претходно неколку дена, протестираа пред Владата. Преку мирен протест изразуваат незадоволство поради како што велат, нивните недостоинствени месечни примања.

МАКЕДОНИЈА - Здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид утрово е избришано од Централниот регистар, откако министерот за правда Кренар Лога на 30 март го потпиша решението со кое се забранува здружение да го користи името на бугарскиот цар од времето на Втората светска војна.

РУСИЈА - Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека влегувањето на Финска во НАТО и потегот на НАТО да ја зголеми својата борбена готовност го зголемува ризикот од судири.

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за Радио Слободна Европа, изјави дека ќе биде „трагедија за Украина ако победи [рускиот] претседател [Владимир] Путин, но исто така е опасно и за сојузниците во НАТО“.

МАКЕДОНИЈА - Затворска казна од три години и еден месец доби сопственикот на порталот „ДоказМ“, Марјан Стаменковски. На рочиштето на 4 април, судијката Марија Клетничка - Марковска го осуди Стаменковски на казна затвор за уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

ШВАЈЦАРИЈА - Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), бројот на случаи на рак во светот се очекува да се зголеми за 55 отсто до 2040 година во споредба со 2020 година.

ХОЛАНДИЈА - Едно лице загина, а околу 30 се повредени кога патнички воз излета од шините во Холандија. Првичните информации беа за неколку тешко повредени. На поголем дел од повредените им била укажана помош на лице место. Неколку луѓе кои се во сериозна состојба се хоспитализирани.