Финска стана членка на НАТО

Знамиња на Финска и на НАТО пред Министерството за надворешни работи во Хелсинки

Финска денеска стана 31-ва членка на НАТО, со што е завршена историската промена на безбедносната политика на земјата предизвикана од руската инвазија врз Украина.

Финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто му го предаде официјалниот документ за пристапување на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во седиштето на НАТО во Брисел.

„Со приемот на овој инструмент за пристапување, може да ја прогласиме Финска за 31-ва членка на Северноатлантскиот договор“, рече Блинкен.

Видете и ова: Шојгу – Влезот на Финска во НАТО го зголемува ризикот од судири

Знамињата на НАТО денеска се веат во Хелсинки. Тоа е момент кој мнозинството Финци претходно не го сакаа, зашто балансираа меѓу пријателските врски со Западот и со Русија.

Меѓутоа, тоа се промени со руската инвазија врз Украина минатата година, создавајќи силно чувство на несигурност кое ја втурна нацијата кон членство во безбедносниот сојуз, анализира Асошиејтед прес.

Земјата со 5,5 милиони жители дели над 1300 километри долга граница со Русија.

„Досега сами ја браневме нашата земја“, рече министерот за одбрана Анти Каиконен за јавниот сервис ИЛЕ по доаѓањето во Брисел.

„Од сега може да се потпреме на помош од надвор ако работите станат тешки. И секако, спремни сме да помогнеме ако некој биде во неволја“, рече тој.

Церемонијата во Брисел се случува на 74-тата годишнина од формирањето на НАТО, односно од потпишувањето на основачкиот Вашингтонски договор на 4 април 1949 година.

Видете и ова: Членство во НАТО - Финска оди напред, Шведска каска зад неа