Земјите од НАТО го засилуваат производството за воени потреби за да се осигураат дека Алијансата ќе продолжи да ја поддржува Украина во борбата против руската инвазија, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за Радио Слободна Европа.
„Главниот предизвик [со кој се соочува НАТО] е што оваа војна стана војна на исцрпување, што значи дека логистичката битка е да се дојде до муниција, оружје и залихи на првите линии на фронтот“, рече тој.
Столтенберг вели дека со помошта за Киев да се брани против неиспровоцираната руска инвазија што почна во февруари минатата година, членките на НАТО „ги исцрпуваа сопствените залихи“.
„Затоа сега напорно работиме да го зголемиме производството, за да можеме да се осигураме дека може да продолжиме да ја поддржуваме Украина, зашто е исклучително важно да продолжиме да го правиме тоа“, вели тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Столтенберг изјави дека ќе биде „трагедија за Украина ако победи [рускиот] претседател [Владимир] Путин, но исто така е опасно и за сојузниците во НАТО“.
Тој рече дека неговата порака до членките на Алијансата е: „Треба да ја поддржиме Украина зашто е во наш безбедносен интерес да покажеме дека претседателот Путин нема да победи во Украина“.
Столтенберг вели дека „целиот свет“ е импресиониран од храброста и решителноста на украинските сили и дека руската војска има низок морал, често лоша обука и опрема што не е импресивна.
Според генералниот секретар на НАТО, „наша одговорност“ е да обезбедиме конфликтот да не дојде во долготраен ќорсокак и оти се надеваат дека Украина ќе ослободи поголема територија и ќе ги потисне руските војници за да создаде услови за некакви преговори.
„Украина треба да одлучи што се прифатливи услови за преговори“, рече тој.
„Она што се случува на преговарачката маса е нераскинливо поврзано со силата на бојното поле. Значи, ако сакаме решение преку преговори со кое Украина утре ќе биде суверена земја, тогаш мора да обезбедиме воена поддршка денес“, рече тој.
Столтенберг вели дека НАТО е подготвено да ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно.
Русија ја почна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година и окупира дел од украинската територија. Западните земји му помагаат на Киев да се одбрани.