Столтенберг вели дека Русија не го менува нуклеарниот став

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Алијансата не видела никакви промени во ставот на Русија за нуклеарното оружје.

„Досега не видовме никакви промени во нивниот нуклеарен став, што бара каква било промена во нашиот став за нуклеарното оружје,“ изјави Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел.

Русија на 25 март постигна договор со соседна Белорусија за распоредување на тактичко нуклеарно оружје на нејзина територија.

„Ваквиот потег нема да ги прекрши обврските од договорот СТАРТ,“ рече рускиот претседател Владимир Путин и додаде дека САД стационирала нуклеарно оружје на територијата на европските сојузници.

Видете и ова: Препукувања на Русија и САД во ОН поради тактичкото нуклеарно оружје во Белорусија

Путин истакна дека изградбата на складиште за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија ќе биде завршена на 1 јули и додаде дека Русија помогнала да се модернизираат белоруските воени авиони за да можат да носат нуклеарно оружје.

Рускиот амбасадор во Белорусија Борис Гризлов синоќа изјави дека руското тактичко нуклеарно оружје ќе биде распоредено во близина на белоруската граница со соседите на НАТО.

Гризлов, говорејќи за белоруската државна телевизија, рече дека руското нуклеарно оружје ќе биде „поставено поблиску до западната граница на нашата сојузничка држава“, но не даде прецизна локација.

„Тоа ќе ги прошири нашите одбранбени способности и ќе биде направено без оглед на вревата во Европа и САД“, додаде Гризлов.

Белорусија дели 1.250 километри граница со членките на НАТО – Летонија, Литванија и Полска. Тактичкото нуклеарно оружје има релативно мал дострел и значително помала моќност во споредба со нуклеарните боеви глави кои се вградени во стратешките ракети со долг дострел