Промената на уставот по таканаречениот хрватски модел за ВМРО-ДПМНЕ е сериозно применлив и прифатлив, изјави денеска Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ. Таа додаде дека испраќаат јавна понуда до власта при промена на Уставот на државата да се примени хрватскиот модел во целост во однос на Преамбулата.
„Еве како би изгледал македонскиот устав, односно преамбулата ако би се земала во предвид хрватската преамбула:”Република Македонија се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинствата: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и други, кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со тие на македонскиот народ и остварување на националните права, во согласност со демократските норми на Организацијата на Обединети Нации“, вели Митева.
Со тоа, како што додава таа, Македонија ќе го промени мултиетничкот карактер во унитарен и аналогно на тоа „Македонија ќе биде е држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинствата, кои живеат тука.“
Видете и ова: Мицкоски - нема да има уставни измени во овој парламентарен составЗа можноста уставните измени да се направат по примерот на Хрватска, вера зборуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, при што рече дека е подготвен за такво нешто, како што наведе, „ако тоа е формулата за успех, уште утре да ја почнеме процедурата да биде Македонија држава на еден народ и на малцинствата во нејзе“.
„Еве ако сакаат (СДСМ и ДУИ) уште утре да ја отвориме Преамбулата на македонскиот Устав и да го направиме тоа според хрватскиот терк, но само да не се каат, па да не речат некои други етнички заедници, а не било така како што ни кажуваат. Ако сакаат според Преамбулата на хравтскиот Устав веднаш да, не знам дали ја прочитале, ја виделе или така на памет си кажуваат, но еве ние како ВМРО-ДПМНЕ одма прифаќаме. Таква уставна измена одма прифаќаме“, изјави Мицкоски.
Сепак Мицкоски исто така рече дека во овој парламентарен состав промена на Устав нема да има.
Инаку, Министерството за правда најави дека до крајот на следната недела ќе биде формирана работната група за уставните измени, која треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија.
Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски денеска ги повика Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ги дадат своите предлози во работните групи.
„Со почнување на процесот за уставните измени во Собранието ќе се отвори јавна расправа, преку работни групи, каде може и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да дадат свои предлози. Овој процес мора да биде инклузивен, транспарентен за да дојдеме до најдобрите предлози и решенија за промените во Уставот, со цел да го продолжиме европскиот пат на нашата држава“, рече Кавески.
Досегашниот став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше дека нема да учествува во оваа работна група, бидејќи ваквиот процес го смета за нелегитимен.
Иако приоритет во работата на работната група ќе биде Преамбулата, како што велат од Министерството за правда, измените на Уставот може да значат отворање на пакет други прашања. Меѓу нив промена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, што ја поддржа и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.
Меѓу другите измени за кои се зборуваше беа за регулирање на вакуум просторот во работата на институциите при распуштање на Собранието и измени според кои министерот за правда не треба да биде член на Судскиот совет, како што изјави на новинарски брифинг новиот министер за правда Кренар Лога. Но, сепак Лога ден потоа се предомисли и изјави дека приоритет е промена на Преамбулата.