Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Бардолино, Италија, се сретна со претседателот на Србија Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.
„Ги потврдивме нашите заложби за економски просперитет на државите. Со заеднички политики го развиваме регионот и овозможуваме подобар живот за сите граѓани“, наведе Ковачевски во изјава на социјалните мрежи.
Средбата се случува пред почетокот на меѓународниот саем за вино „ВинИтали“ кој деновиве се одржува во Верона.
Ковачевски, Вучич и Рама ќе присуствуваат на 55. меѓународен Саем на вино и алкохолни пијалоци „ВинИтали“ во Верона.
Тие ќе остварат трилатерална средба со фокус на иницијативата Отворен Балкан.
Видете и ова: Ковачевски на средба со Вучиќ во БелградКовачевски на 31 март беше во прва официјална посета на Белград кога се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тие разговараа за регионалните иницијативи Отворен Балкан и Берлинскиот процес чија цел е регионален развој и побрза интеграција на единствениот европски пазар и во Европската Унија.
Во тој контекст разговарале и за политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија.
По средбата, беше предвидено потпишување на меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан, за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница, Меморандум за разбирање - проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и Меморандум за соработка во рударството и енергетиката.