Дачиќ ги обвини властите во Косово дека предизвикуваат нова криза

CHINA-SERBIA/

Со апсењето на Србите на Косово, косовската Влада сака да ја дестабилизира ситуацијата и да ги избегне обврските што ги презеде со Охридскиот договор, изјави денеска српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

„Многу е јасно дека на повидок е стара ситуација и нова криза генерирана од Приштина“, рече Дачиќ.

Тој ја повика меѓународната заедница „итно да реагира“ и да изврши притисок врз властите во Приштина“ со цел да се спречи ескалација.

Видете и ова: Експлозивна направа фрлена врз полицајци во Северна Митровица

Дачиќ ова го изјави по седницата на Бирото за координација на безбедносните служби на Србија, еден ден откако косовската полиција уапси припадник на српската заедница во Северна Митровица како дел од акцијата за борба против организираниот криминал и спречување на извршување на криминални дејствија. .

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на 18 март во Охрид се договорија дека ќе продолжат со спроведувањето на европскиот план за нормализација на односите.

Европските претставници рекоа дека Охридскиот договор, иако непотпишан, е правно обврзувачки за двете страни.

Уапсениот припадник на српската заедница на Косово е осомничен за повеќе кривични дела, меѓу кои вмешаност во напад на единица на косовската полиција, „учество или организирање на организирана криминална група“, „убиство во обид“, „предизвикување општа опасност“ и „напад службено лице при вршење на службена должност“.

Истото лице е осомничено дека палел автомобили со таблички РКС (Република Косово) во Зубин Поток, општина со мнозинско српско население на северот на Косово.

Во раните утрински часови на 2 април, врз полицајци во Северна Митровица била фрлена експлозивна направа, се вели во соопштението на косовската полиција. Полициските службеници биле лоцирани на улицата „Иво Лола Рибар“ во близина на Центарот за регистрација на возила и технички преглед. Во полициското соопштение не се наведува колку полицајци биле нападнати и каква е нивната состојба.