Бугарите гласаат на петти избори за две години

Парламентарни избори во Бугарија.

Граѓаните на Бугарија денеска гласаат на петтите парламентарни избори во земјата за две години, иако анкетите сугерираат дека и ова гласање повторно нема да даде резултат што ќе го запре политичкиот ќорсокак, којшто ја зафати најсиромашната нација во ЕУ, истовремено и една од најкорумпираните во унијата.

Повеќе од 5.600 кандидати кои претставуваат 14 политички партии и 7 партиски коалиции се пријавени за изборите за 240-членото Национално собрание - еднодомниот парламент на Бугарија.

Видете и ова: Бугарските власти се сомневаат дека Русија стои зад дојавите за бомби

За да обезбедат места во парламентот, партите мора да обезбедат најмалку 4 отсто од гласачките ливчиња.

Гласачките места беа отворени во 7:00 часот по локално време, а ќе бидат затворени во 20:00 часот. Набргу потоа се очекуваат првите излезни анкети.

Аналитичарите велат дека излезноста може да биде попречена од серијата закани за бомби оваа недела, кои принудија да се затворат стотици училишта кои треба да функционираат како избирачки места за гласањето.

Последните анкетни податоци што ги собра Политико во својата „Анкета на анкети“ покажаа дека ГЕРБ на Бојко Борисов има 26 отсто, а слична бројка имаат „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков и Демократска Бугарија, кои формираа коалиција пред ова гласање.