Ахмети - фракции во ДУИ не се дозволени

Лидерот на ДУИ Али Ахемти.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска по средбата на Централното претседателство кој се одржа во седиштето на партијата во Мала Речица изјави дека фракции во ДУИ не се дозволени, откако членовите на „Огнената група“ претходно најавија дека ќе делуваат како фракција во партијата.

„Фракција врз основа на статутот на ДУИ и одлуките на Конгресот, не се дозволени. Да го почекаме Конгресот, на Конгресот јас повторно ќе предложам, со најдобра цел да победи мојот предлог за непризнавање на фракции во ДУИ. Секоја постапка надвор од Статутот е анархија. А анархијата е најголемиот непријател на демократијата“, вели Ахмети.

Тој додава дека начелото е малцинството да се придружи на мислењето на мнозинството и дека најдемократското начело.

„Во спротивно да направиме анархична партија и да работиме кој како сака“, вели Ахмети.

Видете и ова: „Огнените“ од ДУИ ќе делуваат како фракција

Членовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои се дел од таканаречената „Огнена група“ денеска го напуштија денешниот состанок на Централното претседателство кој се одржа во седиштето на партијата во Мала Речица и најавија дека ќе функционираат како фракција во ДУИ.

Актуелниот организациски секретар во ДУИ Блерим Беџети по четири часа од почетокот на состанокот, изјави дека разликите се големи и од организационен аспект внатре во ДУИ, но и од аспект на дебатата за програмските определби врз основа на кои ја добиле довербата од граѓаните.

„За жал немаме можност од реална дебата и се користат двојни или тројни аршини во однос на одредени исти и слични прашања и затоа од денеска ние ќе имаме наши ставови бидејќи ќе делуваме како фракција во рамки на ДУИ“, изјави Беџети.

Членовите на „Огнената група“ смеаат дека актуелните министри во Владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки.

„Тоа што е надлежност на партијата преминува во надлежност на членовите Владата и тука да се разбереме не се само кадровските прашања, тоа се релевантни и значајни, зборуваме за проргамските определби на ДУИ, рече Беџети.

На новинарските прашања дали и натаму ќе бидат дел од органите на партијата, Беџети изјави дека се избрани од друг партиски орган и дека не се разрешени.

Иако во моментов фракции не се дозволени, Ахмети изјави дека не се зборувало за исклучување на членови од партијата кои се определиле да дејствуваат фракционерски.

На седницата имало извештај за работата на партиските функционери во Владата, за кој мнозиснтвото гласало позитивно, додаде Ахмети.

За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар. Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.