„Огнените“ од ДУИ ќе делуваат како фракција

Организациски секретар во ДУИ, Блерим Беџети.

Членовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои се дел од таканаречената „Огнена група“ го напуштија денешниот состанок на Централното претседателство кој се одржа во седиштето на партијата во Мала Речица и најавија дека ќе функционираат како фракција во ДУИ.

Актуелниот организациски секретар во ДУИ Блерим Беџети по четири часа од почетокот на состанокот, изјави дека разликите се големи и од организационен аспект внатре во ДУИ, но и од аспект на дебатата за програмските определби врз основа на кои ја добиле довербата од граѓаните.

„За жал немаме можност од реална дебата и се користат двојни или тројни аршини во однос на одредени исти и слични прашања и затоа од денеска ние ќе имаме наши ставови бидејќи ќе делуваме како фракција во рамки на ДУИ“, изјави Беџети.

Видете и ова: Конфликтот во ДУИ кулминира во Чаир

Членовите на „Огнената група“ смеаат дека актуелните министри во Владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки.

„Тоа што е надлежност на партијата преминува во надлежност на членовите Владата и тука да се разбереме не се само кадровските прашања, тоа се релевантни и значајни, зборуваме за проргамските определби на ДУИ, рече Беџети.

На новинарските прашања дали и натаму ќе бидат дел од органите на партијата, Беџети изјави дека се избрани од друг партиски орган и дека не се разрешени.

За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар. Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.

Пред почетокот на денешниот состанок, Османи изјави дека на седницата ќе дебатираат за сите прашања кои останале неразговарани на претходната седница, кои што ќе бидат покренати од членовите на претседателството.

ДУИ како политичка партија беше основана во 2002 година, по укинувањето на таканаречената Ослободителна народна армија (ОНА) во конфликтот во Македонија во 2001 година.

Тогаш стана најголема политичка партија од албанскиот блок и трета најголема во државата, по ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и повеќе од 18 години е дел од власта, а само две години беше во опозиција.

Откако претходно повеќе од осум години беше дел од владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2008 до 2016 година, ДУИ сега е дел од владината коалиција заедно со СДСМ.