Во овој парламентарен состав промена на Устав нема да има, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој зборуваше за можноста дали уставните измени би можело да се направат по примерот на Хрватска, при што рече дека е подготвен за такво нешто, како што наведе, „ако тоа е формулата за успех, уште утре да ја почнеме процедурата да биде Македонија држава на еден народ и на малцинствата во нејзе“.
„Еве ако сакаат (СДСМ и ДУИ) уште утре да ја отвориме Преамбулата на македонскиот Устав и да го направиме тоа според хрватскиот терк, но само да не се каат, па да не речат некои други етнички заедници, а не било така како што ни кажуваат. Ако сакаат според Преамбулата на хравтскиот Устав веднаш да, не знам дали ја прочитале, ја виделе или така на памет си кажуваат, но еве ние како ВМРО-ДПМНЕ одма прифаќаме. Таква уставна измена одма прифаќаме“, изјави Мицкоски.
Лидерот на опозицијата изјавата ја даде во Штип одговарајќи на новинарско прашање за тезите на СДСМ и ДУИ дека уставните измени би можеле да се направат по примерот на Хрватска каде во Уставот има широко набројување на етничките заедници.
Видете и ова: Работната група за уставните измени ќе работи и без ВМРО-ДПМНЕИнаку, Министерството за правда најави дека до крајот на следната недела ќе биде формирана работната група за уставните измени, која треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија.
Откако ќе бидат подготвени уставните амандмани во работната група, ќе бидат испратени во Собранието, каде за промената на Уставот е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега е со став дека нема да учествува во оваа работна група, бидејќи ваквиот процес го смета за нелегитимен.
Иако приоритет во работата на работната група ќе биде Преамбулата, како што велат од Министерството за правда, измените на Уставот може да значат отворање на пакет други прашања. Меѓу нив промена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, што ја поддржа и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.
Меѓу другите измени за кои се зборуваше беа за регулирање на вакуум просторот во работата на институциите при распуштање на Собранието и измени според кои министерот за правда не треба да биде член на Судскиот совет, како што изјави на новинарски брифинг новиот министер за правда Кренар Лога. Но, сепак Лога ден потоа се предомисли и изјави дека приоритет е промена на Преамбулата.