Русија денеска го презеде претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), и покрај барањето на Украина другите членови на телото да го блокираат овој потег.
Секој од 15-те членови на Советот, ротирачки го презема претседателството на еден месец.
Последен пат кога Русија претседаваше со Советот беше во февруари 2022 година, кога започна инвазија врз Украина.
Тоа значи дека Советот за безбедност е предводен од земја чиј претседател е под меѓународна потерница за наводни воени злосторства.
Видете и ова: Препукувања на Русија и САД во ОН поради тактичкото нуклеарно оружје во БелорусијаМеѓународниот кривичен трибунал, кој не е институција на ОН, ја издаде наредбата минатиот месец.
И покрај приговорите на Украина, САД рекоа дека не можат да ја блокираат Русија која е постојана членка на Советот, да ја преземе водечка улога.
Други постојани членки на Советот за безбедност на ОН се Велика Британија, САД, Франција и Кина.
Улогата е главно процедурална, но московскиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија за руската новинска агенција Тасс изјави дека планира да започне неколку дебати, вклучително и една за контролата на оружјето.
Тој изјави дека ќе разговараат за „новиот светски поредок“ кој, како што посочи, доаѓа да го „замени униполарниот“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го нарече руското претседателство „најлошата шега досега, дури и за први април“, и дека тоа е „потсетник дека нешто не е во ред во функционирањето на меѓународната безбедносна архитектура“.