Препукувања на Русија и САД во ОН поради тактичкото нуклеарно оружје во Белорусија

Архивска фотографија - состанок на Советот за безбедност во седиштето на Обединетите нации во Њујорк

Русија и САД се судрија во Обединетите нации поради плановите на Москва да распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија на 31 март рече дека Москва не пренесува нуклеарно оружје, туку „оперативни тактички ракетни комплекси“, кои ќе бидат под руска контрола.

Небензија, исто така, ги обвини Соединетите држави за уништување на договорите за контрола на оружјето и го повтори рускиот приговор за тактичкото нуклеарно оружје распоредено во земјите на НАТО.

Заменик-амбасадорот на САД Роберт Вуд возврати дека Вашингтон ништо не слушнал од Русија сè до нејзиното преземање на украинскиот Кримски Полуостров во 2014 година.

Видете и ова: Путин:„Ништо необично“ во распределбата на нуклеарно оружје во Белорусија

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека Москва постигнала договор за стационирање на тактичко нуклеарно оружје на територијата на блискиот сојузник Белорусија, која граничи и со Русија и со Украина.

Руската државна новинска агенција ТАСС на 25 март го цитираше Путин како тврди дека нема „ништо необично“ во потегот и дека тој не ги прекршил постојните договори за неширење нуклеарно оружје.