Украина одбележува годишнина од масакрот во Буча, Русија ги гранатира градовите на исток

Комеморативната церемонија по повод првата годишнина од ослободувањето на градот Буча, среде рускиот напад врз Украина, надвор од Киев, Украина, 31 март 2023 година.

Украина на 31 март одбележа една година откако руските сили се повлекоа од Буча, оставајќи зад себе стотици тела на убиени цивили на улиците на градот. Официјален Киев тоа го нарече масакр и руско воено злосторство.

Претседателот Володимир Зеленски претседаваше со официјална церемонија на отворено во Буча на која присуствуваа и молдавската претседателка Маја Санду и премиерите на членките на ЕУ и НАТО, Хрватска, Словачка и Словенија.

Видете и ова: Санчез го охрабри кинескиот претседател да разговара со Зеленски

Во видеото објавено на социјалните мрежи, Зеленски го нарече масакрот во Буча „симбол на злосторствата“ извршени од руската војска.

„Никогаш нема да простиме. Ќе ги казниме сите виновни“, рече Зеленски во изјавата придружена со видеото.

Русија негираше дека ги извршила масакрите и тврди дека смртта била „инсценирана“ од Украина.

Украинските власти проценуваат дека околу 400 тела на цивили се пронајдени во Буча и вкупно повеќе од 1.000 низ целиот регион околу Киев.