Постапката за промена на Уставот треба да почне овој или најдоцна следниот месец, смета македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 изјави дека единствен начин да се дојде до двотретинско мнозинство е со дебата со опозицијата.
„Јас би преферирал постапката за промена на Уставот да почне овој или најдоцна другиот месец и да заврши пред август, кога се колективните одмори на државните органи, пред се на Парламентот, зашто потоа полека влегуваме во предизборна атмосфера и атмосферата може да биде само полоша. Не би сакал да видам друг начин за да дојдеме до две третини и промена на Уставот сега во однос на Бугарите, освен дебата со опозицијата“, изјави Пендаровски.
Министерството за правда најави дека работната група која ќе работи на амандмани на уставните измени ќе биде наскоро формирана и дека сите барања за измена на Уставот ќе бидат разгледани.
Бугарија ги блокира преговорите за членство во ЕУ на Македонија со барање Бугарите да бидат внесени во Уставот, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на тоа. Без нив го нема потребното двотретинско мнозинство за уставни измени.
Видете и ова: Остри реакции по одлуката на Уставен за повисоки плати на функционеритеПендаровски вели дека македонската Влада го турка овој процес и ќе го истурка до крај, а во државната позиција на Бугарија кон земјава нема никаква промена. Негова оценка е дека предвремените избори нема да ги решат политичките проблеми во државата.
„Се плашам дека не само предвремените, туку и редовните парламентарни избори нема да ги решат длабоките политички проблеми зашто тие не се од вчера. Имаме огромна дупка меѓу два па и три политички блока кои со години наназад се гледаат преку нишан. Мислам дека за да се влоши состојбата, многу придонесе 27 април, а и немаше извинувања за тоа што беше сторено,“ вели Пендаровски.
Видете и ова: Министерство за правда- Барања поврзани со уставните измени ќе бидат разгледани од работната група
Во однос на втор мандат Пендаровски најави дека ќе размислува по Нова Година, за да види дали ќе има поддршка од политичките партии.
„Не би сакал да се туркам ако мојот рејтинг е низок“, истакна претседателот.
Пендаровски стапи на фунција на 12 мај 2019 година. Неговиот мандат истекува следната година.