Брнабиќ - Ковачевски: „Отворен Балкан“ заслужен за подобрените односи

За подобрените билатерални и економски односи меѓу Северна Македонија и Србија заслужна е регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, изјави на 31 март српската премиерка Ана Брнабиќ. Таа ова го изјави на заедничката прес конференција во Белград со македонскиот премиер Димитар Ковачевски по неговата прва посета. Таа посочи дека главата критика за „Отворен Балкан“ е дека Србија има најголема корист од неа, но оваа регионална иницијатива им користи на сите.

„Вистина е дека Србија има корист, како што е вистина дека Северна Македонија и Албанија имаат корист. Во стоковата размена меѓу Србија и Северна Македонија, Србија има значаен суфицит, но она што го донесе оваа иницијатива, е тоа што извозот од Северна Македонија во Србија многу брзо порасна за цели 56 отсто“ изјави Брнабиќ.

Северна Македонија, Србија и Албанија се членки на регионалната економска иницијатива „Отворен Балкан“. Оваа иницијатива е покрената во 2019 година, за да се подобри економската соработка меѓу три земји.

Брнабиќ најави дека од 1 јули годинава ќе стартува примената на единствен идентификациски број со кој ќе се овозможи полесно движење на работната сила меѓу трите земји.

Видете и ова: Ковачевски на средба со Вучиќ во Белград

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека Македонија покажа дека не отстапува од стремежите да ги оствари своите стратешки цели како што е одржување на добрососедските односи.

„Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои меѓу себе единствени немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници“, изјави Ковачевски.

Тој изјави дека заедничкиот систем за наплата на патарина треба да им го олесни патувањето на граѓаните низ двете држави.

„Тоа ќе значи дека картичките за наплата на патарина во Северна Македонија и оние кои важат во Србија ќе бидат поврзани со ист софтвер и дека веќе нема да биде потребно да се прави „тесно грло“ на наплатните рампи во текот на туристичката сезона и празниците“ изјави Ковачевски.

Македонската и српската владина делегација на денешна средба во Белград потпишаа меморандуми за соработка во областа на рударството и енергетиката, како и за подобар проток на лица и стоки и електронски систем за патарина.
Меморандумот за соработка во делот на енергетиката се однесува на гасниот интерконектор што ќе се гради меѓу Северна Македонија и Грција и кон кој, според денешните најави, ќе се приклучи и Србија.

Иницијативата „Отворен Балкан“, според српската премиерка, има придонес во подобрувањето на економските и политичкте односи меѓу државите, а економските подобрувања се директна последица на оваа иницијатива.
Во текот на следниот месец треба да се усогласи и терминот за третата заедничка седница на двете влади што ќе се одржи во Србија.