Владата размислува да ги коригира коефициентите за пресметување на плати, се до цел тоа зголемување да не биде толку големо колку што би требало да биде според одлуката на Уставниот суд, затоа што сме свесни за предизвиците со кои се соочуваме како држава, изјави на 31 март министерката за одбрана Славјанка Петровска. Ова се наметна како тема во јавноста по донесена одлука на Уставен суд со која се укинува член од закон со кој се укинува досегашната основница за пресметка на функционерската плата.
Петровска за владиниот став околу одлуката на Уставнио суд одговараше на новинарски прашања во касарната Илинден.
Видете и ова: Остри реакции по одлуката на Уставен за повисоки плати на функционеритеНа исто прашање на друг настан одговори и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој посочи дека секој политичар што живее од плата сака поголема плата. Но, додаде дека од етички аспект политичарите се последни кои треба да добијат поголема плата.
„Од практичен аспект, секој политичар кој ќе каже дека не му е важна платата не е добра порака бидејќи веројатно има друг извор. Јас немам друг извор за живеење освен оваа плата. Така што , секако дека секој би сакал подобра можност. Но, од етички аспект политичарите треба да бидат последни на листата на граѓани кои треба да имаат зголемување на платите. Да, треба да се зголемат, затоа што се скандалозно мали, ама треба да бидат последни на листата откако на сите ќе им се зголемат, тогаш на политичарите“ вели Османи.
Портпаролката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Марија Митевска изјави дека партијата бара од Владата веднаш да се намали и корегира коефициентот за сложеност на работното место со што би се намалиле платите на функционерите.
„Шесто илјади граѓани живеат со 150 денари на ден. Во услови на економска криза, енормна инфлација и сиромаштија, последна работа што треба да се направи е да се зголемат платите на функционерите“, изјави таа.
Претходно претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ Сител ја повика Владата да се најде решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.
Со одлука на Уставниот суд на 21 март се укинати два члена во различни закони со кои се уредуваше основицата за пресметка на плата на функционери. Од Судот по објавување на одлуката објаснија дека причината за укинувањето е што функционерската плата се уредува со два закона што претставува неконзистентност во законското уредување на оваа материја.
Од Синдикатот на работниците во управата објаснија дека со одлуката на Уставниот суд се укинува основицата од 26.000 денари за пресметување на платите на функционерите. Од сега основицата ќе изнесува колку просечна бруто плата и таа сума ќе се множи со коефициентот. Според последните податоци од Управата за јавни приходи просечната бруто плата во јануари годинава изнесувала 49.397 денари.
Видете и ова: Протести на административците кои останаа покусоВицепремиерот Фатмир Битиќи вчера изјави дека мора да се почитува одлуката на Уставен суд за зголемување на платите на функционерите и дека покачувањето треба да се случи веќе следниот месец. Тој додаде дека ако има друга одлука со која што треба таму да се интервенира, тој ќе биде еден од првите што ќе ја поддржи.
Со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможува зголемување на платите на државните функционери за дури 78 отсто.
Покрај нив, законот се однесува и на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и сите вршители на јавни функции, како што се сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.