Поранешниот пишувач на говори на Путин обвинет за дискредитирање на руските вооружени сили

Поранешниот пишувач на говори на рускиот претседател Владимир Путин, Абас Галјамов е осомничен за дискредитација на руските вооружени сили, обвинение што руските власти го користат за задушување на критиката на Кремљ. Неговото име се појави во рускиот регистар за потерници на министерството за внатрешни работи. На Галјамов му се заканува казна од 10 години затвор. Тој живее во егзил во Израел.

Руската неформална група која ги следи и заштитува онлајн новинарите објави дека според нивните информации кои ги добиле од официјални документи за истрагата против него, причината за неговото гонење е интервју кое што го дал јутјуб каналот на Украина 1+1. Галјамов дал интервју на 9 април 2022 година каде што разговарале за воени злосторства од руските трупи во Украина во градовите Буча и Краматорск.

Во нивната објава е наведено дека истрагата против Галјамов е стартувана на 18 јануари, а неговото име е внесено во регистарот на потерници на 17 февруари, еден месец пред да се појави на веб страната на руското Министерство за внатрешни работи.

Видете и ова: „Зарем не ти е гајле што убиваат“: Како младите Руси ги спасуваат постарите од пропагандата

На 24 март, веб-страницата „Медиазона“ објави дека на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи го нашла официјалното известување во кое Гаљамов се идентификува како баран по неодредени обвиненија. Известувањето беше објавено еден ден откако РСЕ објави опширно интервју со Галјамов.

Во интервјуто, Галјамов сугерираше дека тековната неиспровоцирана инвазија на Украина може да доведе до револуција во Русија.

Тој, во интервјуто зборуваше и за времето кога работел како член на тимот за пишување говори на Путин, откако Путин стана премиер во 2008 година. Тој рече дека во тоа време, никој не можеше да предвиди „дека Русија ќе се претвори во некаква фашистичка држава, како што е сега“.

Минатиот месец, руското Министерство за правда го додаде Галјамов во својот регистар на „странски агенти“, велејќи дека тој дистрибуирал „материјали собрани од странски агенти, изразил идеи против специјалната воена операција во Украина, учествувал како експерт и одговорен на информативни платформи презентирани од странски субјекти“.

Тој работеше како пишувач на говори за Путин од 2008 до 2010 година. Тој беше заменик-шеф на администрацијата на тогашниот претседател на Руската Република Башкортостан Рустем Хамитов од 2010 до 2014 година.

Дискредитирањето на руските вооружени сили стана кривично дело според новиот закон усвоен откако Русија испрати војници во Украина во февруари 2022 година.