Од Универзална до Кремљ
МАКЕДОНИЈА - Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија утврди дека поранешната основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители.
РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе ја посети Турција на 6 и 7 април на покана на неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
БРАЗИЛ - Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, се врати во својата земја, откако во последните три месеци беше во Соединетите Држави. На аеродромот во Бразилија беше пречекан од стотици поддржувачи.
МАКЕДОНИЈА - Советниците во Градскиот совет не ја изгласаа иницијативата на советниците на СДСМ, Универзална сала да се отстапи на Владата, односно на Министерството за кутура, за да започне нејзината реконструкција. Предлогот на СДСМ доби само 15 гласа.
МАКЕДОНИЈА - Детските права, правосудството, граѓанските состојби, потрошувачките права се дел од областите во кои има констатирано најмногу повреди во 2022 година, изјави денеска Народниот правобранител Насер Зибери, повикувајќи се на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / ГЕРМАНИЈА - Британскиот крал Чарлс Трети денеска предупреди за „заканата“ што ја претставува руската инвазија врз Украина за безбедноста на Европа и „демократските вредности“. Во говорот пред германските парламентарци, тој ја подвлече значајната улога што Велика Британија и Германија ја одиграа во поддршката на Киев, особено на воениот фронт.
ФРАНЦИЈА - Протестите нема да ги запрат пензиските реформи или други промени во политиката, рече францускиот претседател Емануел Макрон пред да го претстави планот од 50 мерки за да се избегне криза со вода ова лето и во годините што доаѓаат.
ЕУ - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека односот на Кина кон војната во Украина ќе биде „одлучувачки фактор за односите меѓу ЕУ и Кина“.
МАКЕДОНИЈА - Синдикатите од здравство кои неколку часа пред најавениот протест беа на средба во Министерството за здравство постигнаа договор. На денешната средба потпишаа анекс на колективниот договор и зголемување на платите. Медицинските сестри ќе добијат 3000 денари зголемување, а останатите вработени во здравство 2.000 денари. Покачувањето ќе важи од март месец, а за официјализација се чека одобрувањето од министерство за финансии и министерот Фатмир Бесими.
КИНА / РУСИЈА - Кинеските воени претставници се подготвени да соработуваат со своите руски колеги за зајакнување на стратешката комуникација и координацијата меѓу двете земји, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана.
МАКЕДОНИЈА - Поради неуредна покана за обвинетите и адвокатите, се одложи јавната седница за предметот „Титаник 2“, а следната е закажана за 13 април. Делото на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, му застарува на 7 април, што значи дека на него нема да му се суди за изборните нерегуларности.
МАКЕДОНИЈА - Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, изјави дека се обезбедуваат сите докази со кои ќе се открие која е причината за смртта на шестгодишната Јана Христовска од Битола.