Универзална сала оставена сама на себе, градските советници не и ја отстапија на Владата

Универзална сала во Скопје

Советниците во Градскиот совет не ја изгласаа иницијативата на советниците на СДСМ, Универзална сала да се отстапи на Владата, односно на Министерството за кутура, за да започне нејзината реконструкција. Предлогот на СДСМ доби само 15 гласа.

Советничката група на СДСМ, која е и подносител на оваа иницијатива, не гледа ништо спорно во тоа Универзалната сала времено да му биде отстапена на Министерството за култура за да се заврши реконструкцијата, а потоа да му се врати на Градот Скопје.

Додека советниците од СДСМ не гледаат ништо спорно во иницијативата, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета оти со нејзино прифаќање ќе се прифати и поразот, но и неспособноста на, како што велат, советниците, на градоначалничката и на службите на Градот Скопје. За Левица, пак, иницијативата за отстапување на Универзалната сала на Владата не е спорна, туку е спорна самата Влада. Советниците од оваа партија порачаа дека на една година пред парламентарни избори нема да дозволат овој објект да им биде отстапен на, како што велат, делегитимираната Влада.

Видете и ова: Популизам, леб и игри

За градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, тоа не е одлука којашто таа како градоначалник може или сака да ја направи.

За преземањето на Универзална сала од страна на Министерството за култура се зборува уште од ноември минатата година кога министрите за култура и за локална самоуправа, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Ристо Пенов, беа на средба со градоначалничката Данела Арсовска, од каде што излегоа со тврдење дека Универзалната сала целосно ќе биде преземена од Министерството за култура, за истата да се реконструира, за што добиле согласност од градоначалничката.