Детските права, правосудството, граѓанските состојби, потрошувачките права се дел од областите во кои има констатирано најмногу повреди во 2022 година, изјави денеска Народниот правобранител Насер Зибери, повикувајќи се на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права.
„Властите во наредниот период треба сериозно да се ангажираат за да се донесат законски измени, некои да се допрецизират, или да се изнајдат системски решенија, се со цел на граѓаните да не им се прекршуваат нивните права“, порача Зибери.
Статистиката покажува дека во Канцеларијата на Народниот правобранител во 2022 година биле примени за околу 20 отсто повеќе претставки во однос на минатата година. Тој посочи дека како и минатите години, така и во 2022 продолжи трендот на прво место според бројот на поднесени преставки да биде областа правосудство, потоа потрошувачките права права, работните односи, детските права и имотно-правните односи.
Врз основа на предметното постапување и следење на состојбата, општа констатација на Народниот правобранител е дека во постапките за присилна наплата на неплатен даночен долг, радиодифузна такса, други јавни приходи и парични казни, Управата за јавни приходи, Градот Скопје и општините, не ги почитуваат уставно прокламираните начела за заштита на основните слободи и права на граѓаните.
„Имено, од овие субјекти, на одредени граѓани со години им се загрозува како личната, така и егзистенцијата на нивните семејства бидејќи присилна наплата исклучиво ја спроведуваат преку блокада на нивните трансакциски сметки во банки со одземање на целиот износ од плата, пензија, надоместоци од социјална заштита, невработеност и слично, кој тие го примаат. Следствено на тоа, тие подолг временски период, остануваат без основни средства за егзистенција, а дополнително се принудени да им плаќаат финансиски средства на банките за деблокирање на трансакциските сметки“, рече Зибери.
Видете и ова: Брзи кредити или легализирана лихва?На темата финансии, Зибери посочи уште една појава која се однесува на работата на финансиските друштва, за што иако немаат директна надлежост граѓаните доставиле претставки. Тој притоа посочи пример за земен брз кредит од 9.000 денари, граѓанин, кој поднел претставка кај Народниот правобранител, бил принуден да плати сума за осум пати поголема од главниот долг.
„За да има јавноста јасна престава за што зборувам ќе илустритам со еден пример. Земен кредит од 9.000 денари, за доцнење со негова исплата навистина како во рекламите, не се наплатува камата, меѓутоа се наплатуваат други огромни трошоци. Така за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок за доцнење дури 58.846, денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомената 5.900, денари долгот ја достигнува сумата од 75.772 денари, што е сума за осум пати поголема од главнит долг“, рече Зибери.
Како проблем на денешната прес - конференција Народниот правобранител го посочи и тројно зголемениот данок на имот за 2022 година, од страна на Општина Охрид. Апсурдот според него е што, сите решенија се донесени во текот на месец март 2022 година, односно по само два месеци од денот на започнувањето на применета на Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, па аналогно на тоа, единствено се засноваат на претпоставката на Општина Охрид дека нема да ги користат или нема да ги издаваат под закуп предметните недвижности, подолго од шест месеци во текот на една година.