Британскиот крал Чарлс Трети денеска предупреди за „заканата“ што ја претставува руската инвазија врз Украина за безбедноста на Европа и „демократските вредности“.
Во говорот пред германските парламентарци, тој ја подвлече значајната улога што Велика Британија и Германија ја одиграа во поддршката на Киев, особено на воениот фронт.
„Одлуката на Германија да испрати голема воена помош за Украина е храбра, важна и добредојдена“, рече тој.
Британскиот крал, првиот монарх кој зборуваше во Бундестагот, беше пречекан со долг аплауз. Во говорот одржан главно на германски јазик, Чарлс Трети повика на единство околу Украина и климатските промени.
Видете и ова: Зеленски бара борбени авиони во ненадејните посети на Лондон и ПаризБританскиот крал Чарлс Трети вчера пристигна во посета на Германија, што е негова прва посета во странство откако дојде на тронот. Тој првично требаше да ја посети Франција, а потоа и Германија, но посетата на Франција беше одложена поради протестите во земјата.
Чарлс има крвни врски со Германија, но двете земји се бореа на спротивни страни за време на двете светски војни. Говорејќи во Бундестагот во четвртокот, тој истакна колку далеку стигнале Велика Британија и неговата земја домаќин оставајќи го зад себе минатото исполнето со конфликти, нагласувајќи ги заедничките вредности што сега ги делат.
Во петок, кралот Чарлс ќе направи понатамошен чекор во зближувањето со одавање почит на жртвите од бомбардирањето на сојузниците за време на Втората светска војна во Хамбург.