Јовески за смртта на Јана: Немаме резултати од обдукцијата, обезбедуваме други докази

Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески

Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, изјави дека се обезбедуваат сите докази со кои ќе се открие која е причината за смртта на шестгодишната Јана Христовска од Битола.

„Јавниот обвинител од Битола ги презема потребните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето, резултатите од обдукцијата сè уште не се добиени. ЈО работи и на други докази од повеќе лица, кои може да помогнат во расветлување на случајот“, изјави денеска Јовески.

Видете и ова: Смртта на Јана со многу сомнежи и се уште без разврска

Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Битола, каде што почина петгодишната Јана Христовска. Притоа било констатирано дека на девојчето му била дадена гликоза, заедно со физиолошкиот раствор, но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите што го третирале девојчето.

Родителите се убедени дека за смртта на ќерка им пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.