Американски известувач за „Волстрит џурнал“ е уапсен во Русија поради шпионажа, објавија руските државни агенции, повикувајќи се на Федералната служба за безбедност (ФСБ).
„ФСБ ги запре нелегалните активности на американскиот државјанин Еван Гершкович, дописник на московското биро на американскиот весник Волстрит џрнал, акредитиран во руското Министерство за надворешни работи, осомничен за шпионирање за интересите на американската влада“, објавија руските агенции во соопштението на Службата за безбедност.
ФСБ во четвртокот соопшти дека Еван Гершкович бил уапсен во градот Екатеринбург на Урал додека, наводно, се обидувал да добие доверливи информации. Безбедносната служба соопшти дека Гершкович „собрал доверливи информации за активностите на едно од претпријатијата на рускиот воено-индустриски комплекс“.
Видете и ова: Белорусија: Дописник на РСЕ осуден на 6 години затворФСБ не соопшти кога се случило апсењето, пренесува агенцијата Франс прес. Гершкович може да се соочи со казна затвор до 20 години доколку биде осуден за шпионажа.
Неговиот последен извештај од Москва, објавен претходно оваа недела, се фокусираше на забавувањето на руската економија поради западните санкции наметнати кога руските сили започнаа инвазија на Украина минатата година.
Пред да се приклучи на „Волстрит џурнал“, Гершкович работел за АФП во Москва. Тој зборува руски. Неговите родители живеат во САД, но по потекло се од Советскиот Сојуз.