Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Договорот за нормализација на односите со Срвија мора брзо да се имплементира, и додаде дека главните преговарачи на 4 април ќе разговараат на таа тема.
„Имаме договор, постои договор. Сè е многу јасно, јавно за сите“, рече Курти денеска пред новинарите.
Од Европската унија претходно беше потврдно дека средбата на главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, е закажана за вторник.
Наведено е дека тие ќе „разговараат за наредните чекори во примена на договорот за патот кон нормализација на односите на Косово и Србија“.
Видете и ова: Договорот меѓу Косово и Србија отвора нова ера на мир во регионотКосово и Србија на 27 февруари го прифатија Договорот за нормализација на односите врз основа на европскиот предлог, додека на 18 март во Охрид беше усогласен Анексот за негова имплементација.
Косовскиот премиер Курти порача дека сите точки од договорот мора да се имплементираат во целост.
„Не постои можност нешто да се спроведе, а нешто не. Како што не може да има еднострано потпишување на Договорот, нити на имплементациониот Анекс, не може да има ни еднострано спроведување на Договорот“, рече тој.
Договорот за нормализација, меѓу другото, предвидува меѓусебно почитување на независноста, автономијата и територијалниот интегритет, но не се споменува експлицитно признавање на независноста на Косово од страна на Србија.
Исто така, Србија се обврзува дека нема да го блокира зачленувањето на Косово во меѓународните организации, а тука е меѓусебното признавање на регистарските таблички, симболите, документите, дипломите и царинските печати.
Се предвидува и „посебен аранжман за српската заедница на Косово“, односно одреден ниво на самоменаџирање.
Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, денеска изјави дека ќе има продолжување на дијалогот на техничко ниво и дека ќе се разговара за конкретни чекори за спроведување на договорот од Охрид, заедно со јасни „црвени линии“.
„Нашите црвени линии се дека Белград никогаш нема да се согласи таканареченото Косово да стане членка на ОН и дека Белград ниту де факто ниту де јуре нема да го признае таканареченото Косово. Можеме да разговараме и да видиме за сè друго што беше договорено во Анексот, како ќе го спроведеме“, рече Петковиќ за Радио Белград.
Овој предлог го поддржаа западните земји, вклучително и САД.
ЕУ претходно соопшти дека овој Договор, иако не е потпишан, е правно обврзувачки, и дека ќе стане составен дел од процесот на придружување на Србија и Косово кон ЕУ.