САД поддржуваат формирање на специјален суд за руската злосторничка агресија против Украина, кој ќе биде „вкоренет во украинскиот правосуден систем“, соопштија висок претставник, како и портпаролот на Стејт департментот.
Со тоа Вашингтон за првпат илустрираше како би ги поддржал напорите на Украина да побара руска одговорност поради инвазијата.
„Веруваме дека овој посебен трибунал би требало да биде вкоренет во украинскиот домашен правосуден систем, зашто тоа би обезбедило најчист пати кон воспоставување нов трибунал, со што би се максимизирале нашите шанси да дојдеме до конкретна одговорност“, рече портпаролот на Стејт департментот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украина, Европската унија и Холандија јавно ја поддржаа идејата за специјален трибунал. Русија, која својата инвазија врз Украина ја нарекува „специјална воена операција“, ги негира обвинувањата за воени злосторства, вклучително и намерно таргетирање украински цивили. Илјадници цивили загинаа за време на војната.
Меѓународниот кривичен суд (МКС), со седиште во Хаг, на 17 март издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради сомнеж за воено злосторство - депортирање на украински деца во Русија.
Русија не ја признава јурисдикцијата на тој суд.