Зеленчук и политика

МАКЕДОНИЈА - Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.

МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Прашањето на уставните измени е суверено право на Северна Македонија и таа треба да одлучи. Во однос на Уставот, важно е да видиме какви се точно предлозите и откако ќе бидат подготвени во нацрт верзија, да следи дебата за тие предлози. Обврската е да се внесат луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари во Уставот. Тоа е нешто што дополнително ќе ја консолидира земјата која веќе има добро досие во однос на меѓуетничките односи. Ова го истакна евроамбасадорот Дејвид Гир запрашан за уставните измени.

МЕКСИКО - Во пожарот што го запалија мигрантите во знак на протест против очекуваната депортација, загинаа најмалку 39 лица во мексикански имиграциски центар во близина на границата со Соединетите држави, соопштија тамошните власти.

БУГАРИЈА - Бугарските власти велат дека истражуваат потенцијални терористички акции поврзани со Русија, кои треба да ги попречат претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 2 април, откако денеска втор ден по ред десетици училишта во Бугарија беа затворени поради дојави за бомби.

МАКЕДОНИЈА - Во тек е стручен надзор, а во меѓувреме се очекува извештајот од обдукцијата за смртта на шестгодишното девојче во битолската болница, по што може да се каже која била причината за смртта на девојчето, изјави денеска на собраниска седница заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

БИХ / РЕПУБЛИКА СРПСКА - Владата на Република Српска предложи нов закон со кој наметнува обврска за непрофитните организации да поднесуваат финансиски извештаи и им дава право на властите на БиХ да испратат инспекции до тие организации. Ова го потврди министерот за правда Милош Букејловиќ во видео порака од 28 март.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека по новинарските извештаи за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отворило предмет по допрен глас.

ЕУ - Главните преговарачи на Србија и Косово следната недела ќе се сретнат во Брисел, потврди портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано. Како што рече Стано, Бесник Бислими од Приштина и Петар Петковиќ од Белград доаѓаат на покана на европскиот олеснувач „да го презентираат сето она што е договорено во Охрид и да ги започнат следните чекори кон имплементација“.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски планира да закаже состанок со директорот на Македонската телевизија за да се види каков договор е потпишан, како оди сигналот надвор и каква услуга добива нашиот национален сервис во делот на емитувањето на програмата во други држави.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи не знае кои личности ќе се најдат на црната листа на САД, но вели дека сака Соединетите држави да помогнат во справувањето со корупцијата и организираниот кримнал.

РУСИЈА - Кремљ соопшти дека ќе продолжи да бара меѓународна истрага за експлозиите што ги оштетија гасоводите „Северен тек“ под Балтичкото Море минатата година, откако не доби поддршка за истрага во Обединетите нации. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека сите треба да бидат заинтересирани за непристрасна истрага за да се откријат виновниците.

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници кои тоа го бараат.

МАКЕДОНИЈА - Сојузот на средношколци ја прифати понудата на Министерството за образование и наука (МОН), наместо одложување на датумот на првиот екстерен испит, да се намали обемноста на испитот. Тој ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните од 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања, информира Сојузот.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека најверојатно утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.