Манолева: Во тек е стручен надзор за смртта на шестгодишната Јана

Клиничката болница во Битола

Во тек е стручен надзор, а во меѓувреме се очекува извештајот од обдукцијата за смртта на шестгодишното девојче во битолската болница, по што може да се каже која била причината за смртта на девојчето, изјави денеска на собраниска седница заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

Манолева одговараше на прашање на пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека некој мора да сноси одговорност доколку ја има за смртта на девојчето.

„Завршен е вонредниот инспекциски надозр на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), во тек е стручен надзор кој го иницираше Министерството за здравство, а во меѓувреме се очекува и обдукциониот наод којшто треба да ја даде точната причина за смртниот исход на шестгодишното девојче. Согласно сите овие информации и по доставување на институциите дури тогаш можеме да кажеме за каква причина за смрт за шестгодишното девојче се работи“, рече заменик-министерката за здравство, Манолева.

Видете и ова: Почина шестгодишно девојче донесено на преглед во Битолската болница

Шестгодишната Јана од битолското село Кравари почина на 22 март на детското одделение во битолската болница, откако била донесена на преглед со симптоми на настинка. Според изјавите на нејзините блиски, детето во болницата дошло поради покачена температура и дијареја, при што му била дадена инфузија.

Родителите на девојчето се сомневаат дека детето не било соодветно третирано и велат дека и покрај покачениот шеќер во крвта, девојчето примало инфузија со гликоза по што шеќерот се покачил на 19.

По смртта на девојчето, ДСЗИ направи вонреден инспекциски надзор во болницата, по што информираше дека во лекувањето на Јана не биле констатирани неправилности во рамки на нивните надлежности.

Под слоганот „Правда за Јана“, утре од 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола ќе се одржи протест поради смртта на шестгодишната Јана која почина пред една недела на Детското одделение во битолската клиничка болница.