Македонската Стопанска комора именуваше олеснувачи за надминување на административните бариери во економската соработка меѓу Србија и Косово. Претседателот на Стопанската Комора Бранко Азески ги именуваше своите советници од кабинетот Елена Милевска Штрбевска и Јадранка Аризанковска за олеснувачи во разговорите што ќе се одвиваат меѓу тимови од стопанските комори на двете земји.
Првиот состанок ќе се одржи во четврток, на 30 март во Скопје. Целта на состанокот е што побрзо разрешување на сите спорни прашања поврзани со административните бариери кои ја кочат економската соработка меѓу овие две земји.
Дијалогот меѓу Белград и Приштина се одвива 12 години со посредство на Европската унија.
Косово и Србија постигнаа договор за тоа како да го спроведуваат договорот за нормализирање на меѓусебните односи, рече шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, по речиси 12 часовните средби во рамки на дијалог меѓу Косово и Србија кој се одвиваше во Охрид на 18 март годинава.
Од прогласувањето на независноста на Косово, во 2008 година, помеѓу двете земји постојат различни предизвици во однос на економската размена, имајќи предвид дека официјален Белград не ги признава документите кои ги издаваат косовските институции, како на пример сертификатите за потекло на производите од Косово.
„Усогласувањето на спорните прашања во трговската соработка меѓу Србија и Косово е исклучително важно економско, но и политичко прашање, од причина што тоа може да доведе до нормализација на односите помеѓу овие две земји, како нов исчекор во децениските тензични односи“, се вели во соопштението од Стопанската комора
Во него е наведено дека постојат и веќе потпишани договори кои треба да обезбедат основа и инструменти за значајно подобрување на конкурентноста, економската кохезија и поврзаноста на целиот регион на Западен Балкан.
„За да се елиминираат сите недостатоци кои се јавуваат во трговската размена, сега е вистинско време да се повлечат мудри потези, во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговската соработка, што ќе обезбеди економски просперитет на двете земји, но и на Западен Балкан во целина“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Ескобар:Косово и Србија да го следат примерот на Северна Македонија и ГрцијаСпоред македонската Стопанска комора сега е потребно отстранување на сите административни бариери и создавање услови за подобрување на економската соработка, за странските партнери и меѓународните институции да гледаат на регионот како просперитетен иден политички и економски партнер. Оттаму велат дека во овој период земјите од Западен Балкан влегуваат во неизвесност која е катастрофална за бизнисот.
„Компаниите во овој момент се наоѓаат во многу тешка позиција, бидејќи ваквата неизвесност е смрт за инвестициските активности и за нивниот развој“, се вели во соопштението.
Постигнатиот договор меѓу Косово и Србија во саботата во Охрид е правно обврзувачки за двете страни од секој аспект. И двете земји ќе бидат оценувани за сработеното од Договорот, изјави на 20 март американскиот специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ексобар на брифинг со новинари од целиот Балкан.