Нов руски напад врз Украина со дронови

Илустративна фотографија

Русија изврши уште еден напад со беспилотни летала од иранско производство во Киев и околината, но украинската воздушна одбрана ги собори речиси сите и нема информации за жртви, соопшти денеска украинската војска.

„Руските сили употребија 15 беспилотни летала Шахед-136 за да извршат воздушни напади врз Украина, а 14 од нив беа уништени од украинската војска“, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина во својот дневен билтен.

Војската предупреди дека веројатноста за понатамошни ракетни и воздушни напади останува висока низ целата територија на Украина. Шефот на градската воена управа на Киев, Серхи Попко, извести дека во текот на ноќта во близина на главниот град на Украина биле соборени 12 дронови.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, извести за експлозии во повеќе области во главниот град. Пожар зафатил продавница, но тој брзо бил локализиран и нема пријавени жртви, рече Кличко. Пожарот бил предизвикан од паѓање на остатоци од соборен дрон.

Видете и ова: Западните сојзуници загрижени поради воената соработка меѓу Русија и Иран

На истокот пак, Генералштабот соопшти дека борбите беснеат на неколку фронтови во регионот на Доњецк, каде што украинските сили одбиле 62 напади во изминатите 24 часа. Руските сили продолжија со нападите врз Бахмут, разурнатиот рударски град кој стана епицентар на офанзивата на Москва.

Во изминатиов период, руската војска, го засили гранатирањето на Маријнка и Авдијевка, два града под контрола на Украина во предградието на градот Доњецк, кои се под контрола на силите поддржани од Москва од 2014 година.

Во Адвдијивка, руското гранатирање ги затвори сите јавни служби, а општинските работници се евакуирани. Само околу 2.000 цивили од предвоеното население од околу 30.000 останале во градот.

Виталиј Барабаш, началникот на воената администрација на Авдијивка, рече дека континуираните руски бомбардирања го претвориле градот во „место од постапокалиптични филмови“.