Унгарскиот Парламент на 27 март ја одобри кандидатурата на Финска да се приклучи на НАТО. Со тоа стави крај на неколкумесечните одложувања и ја доведе нордиската земја чекор поблиску до станување полноправна членка на западната воена алијанса.
Унгарската влада до сега често го одложуваше гласањето во Парламентот со кое треба да се ратификува приспатувањето на Финска во НАТО. Во меѓувреме речиси сите други членки на алијансата ја ратификуваа кандидатурата на Финска.
Видете и ова: Нордиските воздушни сили ќе се обединат против руската заканаДодека одобрението на Унгарија беше дочекано со олеснување во Хелсинки и на други места, приемот на Шведска во НАТО остана да „виси во воздух“. Финска и Шведска заеднички аплицираа за членство по руската инвазија на Украина.
Минатата недела шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска најави дека ќе бара објаснување од Унгарија зошто унгарскиот парламент избра да го одобри влезот на Финска во Алијансата пред Шведска, пренесе АФП.
„Ќе прашам зошто ја одвојуваат Шведска од Финска. Тоа се сигнали што досега не сме ги виделе“, изјави Кристерсон за шведското радио СР, додавајќи дека има намера да разговара за ова прашање со својот унгарски колега Виктор Орбан, на тековниот ЕУ самит во Брисел.
Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај 2022 година по почетокот на руската инвазија на Украина. Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои се уште не го ратификувале во своите парламенти пристапувањето на овие две земји, додека останатите 28 членки веќе го направиле тоа.