Министри, матуранти, демонстранти...
МАКЕДОНИЈА - Ќе биде многу тешко да се притисне црвено копче кога ќе дојде време за гласање за уставните измени и со тоа да се изолира земјата во наредните 10 години, во услови кога се појавува забрзана патека за регионот во ЕУ, рече на 27 март министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговата албанска колешка Ољта Џачка.
ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја одложи расправата за контроверзната судска реформа за наредниот месец, се вели во денешното соопштение на крајно десничарскиот коалиционен партнер во владата, партијата „Еврејска моќ“. Во соопштението се вели дека законот ќе биде поместен за наредната седница на израелскиот парламент за „реформата да помине преку дијалог“. Парламентот наредната недела заминува на одмор поради празникот Пасха.
МАКЕДОНИЈА - Годинава ќе се олесни полагањето државна матура во интерес на сите средношколци, информираа од Министерството за образование и наука (МОН), по средбата на министерот Јетон Шаќири со претставници на Сојузот на средношколци. Ќе се олесни полагањето на тестот по мајчин јазик при што тој ќе има помалку прашања и ќе носи од 60 до 80 поени, а не како досега од 80 до 100 поени.
БУГАРИЈА - Десетици училишта во Бугарија беа евакуирани на 27 март по заканите за бомби упатени до училиштата преку електронска пошта. Закани за поставени бомби биле упатени до 16 училишта во главниот град Софија, до 16 училишта во Бургас и до сите десетици училишта во Варна. Наставата во училиштата била прекината, а полицијата ги претресувала објектите. На учениците им било кажано да се наредат во редица со ранците и јакните пред да бидат евакуирани.
УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 27 март го посети регионот Запорожје и се сретна со силите на фронтот кај Бахмут, а потоа разговараше со официјални лица и жители на Херсон. Тој објави видео на Телеграм на кое се гледа како доделува медали на украинските војници. „Чест ми е што сум денеска овде, покрај нашата армија. Благодарен сум на секој наш воин што ја бранеше Украина, нашиот суверенитет, нашите градови и нашите деца. Сигурно ќе победиме“, напиша Зеленски на Телеграм.
МАКЕДОНИЈА - Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска ги додели годишните новинарски награди. Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребала“ ја доби Истражувачката репортерска лабораторија за „Нечиста крв“. Во документарнито филм ИРЛ откриваат дека Клиниката „Жан Митрев“, вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, а воедно се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти. По сторијата обвинителството отвори предмет против клиниката и сопственикот и доктор Жан Митрев, за што потоа почна и судски процес.
АЛБАНИЈА - Мисијата на ОБСЕ во Албанија силно го осуди нападот против албанската телевизија Топ чанел, оценувајќи дека напад врз медиум е флагрантен напад против демократијата. Изразувајќи сочувство до семејството и колегите на Пал Кола, кој беше убиен во нападот, ОБСЕ бара брза истрага за целосно расветлување на инцидентот и изведување на сторителите пред лицето на правдата. Во нападот врз објектот на телевизијата Топ чанел е убиен Пал Кола кој работел како обезбедување.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за правда повторно ќе бара екстрадиција на осудениот поранешен премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија и за осудените поранешни разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски чија екстрадиција ја одби судот во Грција. Министерот Кренар Лога на брифингот со новинари истакна дека разговарал со амбасадорката на Грција во Скопје од која побарал поранешните разузнавачи да бидат екстрадирани, за да може довербата на граѓаните во судството да расте.
МАКЕДОНИЈА - Одлуката за членство во НАТО ги проби бариерите на партиите, религиите и народите и не обедини сите. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за ЕУ, порача премиерот Димитар Ковачевски на централната свеченост во касарната „Илинден“ по повод тригодишнината од членството во НАТО.
„Оваа годишнина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, туку и момент во кој престанавме да бидеме точка на дневен ред во безбедноста и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност“, рече премиерот.
МАКЕДОНИЈА - Секојдневен протест се додека не добијат повисоки плати најавија од синдикалната организација при Министерството за култура. На 27 март вработени во Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм, одржаа едночасовниот протест пред Министерството за финансии со барање за повисоки плати. На денешниот протест побараа и средба со министерот за финансии Фатмир Бесими.
ГЕРМАНИЈА - Во поголемиот дел од Германија на 27 март запреа возовите, авионите и јавните транспортни системи откако синдикатите свикаа на голем еднодневен штрајк поради платите.
Дваесет и четири часовниот штрајк се одрази и на товарниот транспорт преку железница и бродови, бидејќи работниците и од овие сектори се приклучија на штрајкот. Многу патници се одлучија да користат автомобили, со што предизвикаа гужви на патиштата и задоцнувања, а оние кои можеа останаа да работат од дома.
РУСИЈА - Русија ја обвинува Украина дека планирала напад со беспилотно летало, откако еден дрон денеска експлодира и се урна во руски град во областа Тула. Според руското министерство за одбрана. руската противвоздушна одбрана го запрела нападот со украински беспилотно летало врз руски град, при кој три лица беа повредени, а станбени блокови беа оштетени. Киев не одговори веднаш на барањето за коментар. Украина претходно ги негираше руските тврдења дека нејзините беспилотни летала - исто така познати како беспилотни летала UAV - летале на руска територија и предизвикале штета на цивилната инфраструктура.