Високиот претставник за Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит денеска предупреди дека е крајно време да заврши процесот на формирање на влада на Федерацијата БиХ врз основа на резултатите од изборите одржани уште во октомври минатата година. Тој ги повика политичките партии да дејствуваат одговорно и на тој начин да обезбедат продолжување на потребните реформи.
Во авторски текст за сараевски „Дневни аваз“, Шмит се огласи за првпат откако Уставниот суд на Босна и Херцеговина минатата недела ги отфрли жалбите против неговите одлуки за измени на изборниот закон и Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ) во врска со постизборното конституирање на посредно избраните тела.
Жалбите ги поднесоа тогашните членови на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.
Уставниот суд оцени дека одлуките на Шмит од 2 октомври минатата година, донесени на денот на изборите, се во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина и дека нема причина да се поништат.
„Политичките актери мора да се однесуваат одговорно и да го завршат процесот на формирање влада“, рече Шмит во момент кога се уште не е јасно како ќе се формира новата влада.
Владата на Федерацијата БиХ последен пат беше формирана во 2014 година, а од претходните избори од 2018 година функционира како „техничка влада“.
Рокот за формирање нова влада истекува на 6 април.
Високиот претставник за БиХ ги носи одлуките врз основа на Бонските овластувања врз основа на кои има право да менува закони, устави на ентитетите или да менува функционери. Тој е конечен авторитет за толкување на Дејтонскиот мировен договор.
Уставна надлежност за именување и менување на владата на Федерацијата БиХ има претседателот на овој ентитет во земјата, со согласност на двајцата потпретседатели, а именувањето го потврдува Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ.
Претседателката на БиХ Лидија Брадара од Хрватската демократска заедница на БиХ (ХДЗ) и потпретседателот Игор Стојановиќ од Социјалдемократската партија на БиХ (СДП) претходно најавија дека за премиер на ФБиХ ќе го предложат лидерот на СДП Нермин Никшиќ.
Другиот потпретседател Рефик Лендо од Странката за демократска акција (СДА) се противи на тоа и инсистира новата влада да ја формираат СДА, ХДЗ и СДП.
ХДЗ и коалицијата предводена од СДП велат дека имаат мнозинство во Претставничкиот дом и не сакаат коалиција со СДА.
СДА, ХДЗ и Сојузот за подобра иднина ја сочинуваат владата на Федерацијата БиХ од 2015 година. Во таа влада, СДА има премиер – Фадил Новалиќ.