Зеленски ги посети украинските војници и се сретна со Гроси во Запорожје

Претседателот на Украина Володимир Зеленски за време на посетата на украинската војска во регионот Запорожје, 27 март 2023 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 27 март го посети регионот Запорожје и се сретна со силите на фронтот кај Бахмут, а потоа разговараше со официјални лица и жители на Херсон. Тој објави видео на Телеграм на кое се гледа како доделува медали на украинските војници.

„Чест ми е што сум денеска овде, покрај нашата армија. Благодарен сум на секој наш воин што ја бранеше Украина, нашиот суверенитет, нашите градови и нашите деца. Сигурно ќе победиме“, напиша Зеленски на Телеграм.

Тој се сретна и со директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во близина на нуклеарната централа Запорожје.

Набргу потоа, Гроси на Твитер објави дека престојувал во Запорожје и се сретнал со Зеленски за да разговараат за безбедносните прашања околу нуклеарната централа.

Нуклеарната централа во Запорожје е во рацете на руските сили и во неколку случаи кога снемуваше струја беше принудена да се префрли на дизел генератори кои се само за итни случаи.

Во меѓувреме, продолжуваат тешките борби со несмалено темпо во регионот на Донецк, соопшти украинската војска, при што Русите го продолжуваат притисокот врз разурнатиот град Бахмут, централната точка на офанзивата на Москва на исток, а исто така сè повеќе ја таргетираат Авдијивка, друг град во Донецк.