Ќе биде многу тешко да се притисне црвено копче кога ќе дојде време за гласање за уставните измени и со тоа да се изолира земјата во наредните 10 години, во услови кога се појавува забрзана патека за регионот во ЕУ, рече на 27 март министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговата албанска колешка Ољта Џачка.
Тој вели дека странските партнери даваат кредибилитет и гаранција на процесот, па токму тоа ќе ги разубеди и граѓаните и партиите.
„Е, тоа прашање мислам дека ќе си го постави секој пратеник пред да стисне копче дали е за споменување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во Уставот, кога се и овде спомнати во категоријата други. Мислам дека сите пратеници ќе размислат за иднината на оваа држава и на граѓаните“, рече министерот Османи.
Акцент на разговорите меѓу Османи и Џачка бил ставен врз евроинтегративните реформски процеси што се одвиваат со несмалено темпо и во двете држави.
Според Османи, не е фер да бараме од Албанија, ако не успееме да ги направиме уставните измени, да застане и да не продолжи, бидејќи, како што рече, процесот е индивидуален се базира на меритократија на секоја држава посебно.
Албанската министерка Џачка порача дека уставните измени треба да се направат.
„Важно е за сите политички чинители дека ова е момент кој не треба да се пропушти, отворена е можност да одиме побрзо по овој пат и овој процес и ако некој остане назад ќе остане назад во неповолноста за нивните граѓани затоа оваа работа не треба да се дозволи“, нагласи Џачка.
Двајцата министри заклучиле дека економската соработка е успешна, но недоволна.