Осуда за нападот врз Топ чанел

Албанија: Напад врз национална ТВ станица, Топ чанел

Мисијата на ОБСЕ во Албанија силно го осуди нападот против албанската телевизија Топ чанел, оценувајќи дека напад врз медиум е флагрантен напад против демократијата.

Изразувајќи сочувство до семејството и колегите на Пал Кола, кој беше убиен во нападот, ОБСЕ бара брза истрага за целосно расветлување на инцидентот и изведување на сторителите пред лицето на правдата.

Во нападот врз објектот на телевизијата Топ чанел е убиен Пал Кола кој работел како обезбедување.

Реагираше и американската Амбасада осудувајќи го смртоносниот чин и барајќи целосна истрага за настанот.

Остра осуда искажаа и претседателот Бајрам Бегај, премиерот Еди Рама, претседателката на парламентот Линдита Никола, политички лидери, домашни меѓународни новинарски асоцијации.

Видете и ова: ЕУ и Албанија одржаа Совет за стабилизација и асоцијација

Министерот за внатрешни работи Бледи Чучи вети брзо расветлување на случајот.

Досегашната истрага покажува дека објектот на телевизијата околу 1 часот го нападнале три лица со рафално пукање од калашникови во правец на првиот и вториот кат на објектот.

Лицето од обезбедувањето во моментот се наоѓало во стражарската куќичка.
Возилото со кое пристигнале и се оддалечиле сторителите било украдено во Скадар, а е пронајдено запалено заедно со оружјето.