Прекинати се летовите од главниот меѓународен аеродром во Израел, соопшти израелската аеродромската управа на 27 април. Прекинот на летовите е во знак на протест против планираните владини реформи во судството.
Најголемата унија на синдикати во земјата повика во понеделникот на штрајк во многу сектори, со што се приклучија на движењето на отпор против планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за реформите во судството, што предизвика невиден отпор од целото израелско општество.
Најголемиот синдикат во Израел претставува околу 700 илјади работници во здравството, сообраќајот, банкарството и многу други области.
Авионите во моментов сè уште ќе можат да слетаат на аеродромот Бен-Гурион, надвор од метрополата Тел Авив.
Израелската влада дебатира дали да ја замрзне нејзината контроверзна планирана судска реформа, откако на 26 март, по смената на министерот за одбрана, Јоав Галант, во земјата избија масовни протести, објави на 27 март „Џерусалим пост“.
Десетици илјади луѓе спонтано се собраа во Тел Авив за да протестираат поради тоа што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го разреши министерот Галант, откако тој ја повика владата да ја прекине реформата, чии клучни елементи се очекува да бидат усвоени во следните неколку дена.
Во Ерусалим, демонстранти наводно ја пробиле блокадата во близина на резиденцијата на Нетанјаху, иако не е јасно дали 73-годишниот премиер бил дома.
Со оглед на ситуацијата, Нетанјаху свика итен состанок. Според „Џерусалим пост“, разговорите што почнаа уште синоќа продолжија до раните утрински часови.
Израелскиот претседател Исак Херцог ја повика владата да ги запре планираните контроверзни судски реформи откако земјата синоќа беше потресена од насилни протести.
„Во име на единството на израелскиот народ, во име на одговорноста, ве молам веднаш да го запрете законодавниот процес“, напиша Херцог на Твитер рано утринава, во апелот до екстремно десничарската коалициска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Видете и ова: Израел донесе закон кој го штити НетанјахуСАД изразија длабока загриженост и повикаа на итен компромис по избувнувањето на протестите во Тел Авив.
Владата на Бенјамин Нетанјаху, една од најдесните во историјата на Израел, во јануари предложи план за реформи кој ја подели земјата.
Реформата, која поттикна загриженост дома и во странство, треба да го зголеми влијанието на пратениците врз судовите. Нејзините критичари истакнуваат дека тоа ги загрозува демократските принципи на израелската држава.
Нетанјаху и неговите сојузници, екстремно десничарските и ултраортодоксните партии, велат дека планираната реформа е неопходна за да се врати рамнотежата на силите меѓу пратениците и Врховниот суд, кој го сметаат за политизиран.