Борел ја предупредува Белорусија за нови санкции поради нуклеарното оружје

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, на 26 март ја повика Белорусија да не дозволи да биде поставено руско нуклеарно оружје на нејзина територија. Тој посочи дека ЕУ може да воведе дополнителни санкции против Минск доколку го направи тоа.

„Домаќин на руско нуклеарно оружје во Белорусија би значело неодговорна ескалација и закана за европската безбедност. Белорусија сè уште може да го запре, тоа е нивен избор. ЕУ е подготвена да одговори со дополнителни санкции“, напиша Борел на Твитер.

Овие забелешките дојдоа еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва планира да постави тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, близок сојузник.

Видете и ова: НАТО- Руската нуклеарна реторика е опасна и неодговорна

Путин изјави дека Москва постигнала договор за стационирање на тактичко нуклеарно оружје на територијата на блискиот сојузник Белорусија, која граничи и со Русија и со Украина. Тој смета дека нема „ништо необично“ во потегот и дека тој не ги прекршил постојните договори за неширење нуклеарно оружје.

Путин додаде дека Русија гради складиште во Белорусија и дека Москва нема да ја префрли контролата на оружјето на властите во Минск.

На оваа изјава реагираше НАТО и Пентагон. Во нивното соопштение е наведено дека нема индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје и дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата. Германската Влада потегот на Русија го нарече обид за нуклеарно заплашување.