Министерството за одбрана на САД на 25 март соопшти дека нема индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје по најавата на Москва дека ќе постави тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„Ги видовме извештаите за најавата на Русија и ќе продолжиме да ја следиме оваа ситуација“, се вели во соопштението.
„Не видовме причина да ја прилагодиме нашата сопствена стратешка нуклеарна позиција, ниту какви било индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје. Остануваме посветени на колективната одбрана на НАТО алијансата“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Путин:„Ништо необично“ во распределбата на нуклеарно оружје во БелорусијаРускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва постигнала договор за стационирање на тактичко нуклеарно оружје на територијата на блискиот сојузник Белорусија, која граничи и со Русија и со Украина. Руската државна новинска агенција ТАСС на 25 март го цитираше Путин како тврди дека нема „ништо необично“ во потегот и дека тој не ги прекршил постојните договори за неширење нуклеарно оружје.
„Се договоривме со белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ќе поставиме тактичко нуклеарно оружје во Белорусија без да го нарушиме режимот за неширење на оружјето“, изјави Путин, јавува ТАСС.
„И тука нема ништо необично: прво, Соединетите држави го прават тоа со децении. Тие долго време го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје на територијата на нивните сојузнички земји. Се договоривме дека ќе го сториме истото“, вели рускиот лидер.
Путин додаде дека Русија гради складиште во Белорусија и дека Москва нема да ја префрли контролата на оружјето на властите во Минск.