Ахмети-ДУИ не е формирана за да се распадне

По три часа седница, најтесното раководство на ДУИ соопшти дека ќе има уште една средба следната недела. Лидерот на партијата ДУИ Али Ахмети по состанокот на Централното претседателство на партијата изјави дека главна тема на разговори било европскиот фронт и уставните измени, а не внатрепартиските несогласувања.

Ахмети посочи дека наредниот пат најверојатно ќе има можност за внатрепартиска дебата за прашања околу партиското работење што во јавноста ги наметнаа членови кои се дел од т.н.. „Огнена група“.

"Идната недела ќе разговараме за конкретни делови за работа на Фронтот, но и за развојот внатре во ДУИ, и другите партии. ДУИ не е направена за да се распадне, туку е формирана за да гради. Нашата партија не е формирана за поделби, туку да формира нови работи. Разговаравме за европскиот фронт. Ако е потребно, може да разговараме пак за таа тема," изјави Ахмети.

Партискиот портпарол Бујар Османи рече дека денешната редовна седница на Претседателството била посветена на т.н. Фронт за Европа поради можноста за брзо членство во ЕУ.

-Сметајќи дека има неповторлив моментум за брзо зачленување во Европската Унија низ брза трака којашто се предвидува за регионот, имајќи го предвид решението на косовско-српскиот дијалог, сметаме дека е ургентно е неопходно да се соберат во еден заеднички фронт сите проевропски сили во државата за да се направат суштинските чекори. Бидејќи ако се испушти овој моментум, можеме да влеземе во сериозна ситуација на изолација," истакна Османи.

Тој посочи дека Централното претседателство едногласно има одлучено за распишување избори во сите ограноци и тоа е причина за смената на координаторите на ограноците.

"ДУИ е една од првите партии која почнува избори на претседатели на ограноци по принцип еден член еден глас. Тоа е завршено веќе во Тетово, Гостивар и претседателството одлучи да се почне процес таму каде што не е почнат," изјави Османи.

На средбата беа и членовите на т.н. Огнена група кои, исто така, најавија дека за нивните барања ќе има дебата наредната недела.

Членовите на т.н. „Огнена група“ кои веќе неколку месеци водат кампања за смена на министри предложени од партијата, кои според нив не ја заслужуваат довербата и немаат резулатите во работењето.

Претходно на социјалните мрежи „Огнена група“ објави листа на разрешени функционери, обвинувајќи дека „првиот вицепремиер Артан Груби ги разрешува лицата кои мислат поинаку во ДУИ“.

Оттаму велат дека политичката елиминација била изведена на најбрутален можен начин, на начин како што во време не едноумието, преку ноќ биле менувани „неподобните“ кадри. На фотографијата беа објавени сликите и имињата на следните разрешени функционери- заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, кадар-модел на ДУИ, Ресми Ејупи, Аднан Ејуп, многу директори на клиники, како Алајдин Мемеди, Бесим Кока, Азиз Максути, Ќамил Ковачи, потоа Фикри Алити, Миѓен Селмани, Нехат Нухиу, Ајрула Мустафа и други.

Според Огнената група тие се разрешени само затоа што мислат поинаку, без никаква причина или евентуален пропуст во нивните должности.

За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар . Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.

Судирот во ДУИ се заостри откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тие ваквата одлука ја толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава дека очекуваат слични чекори и кон другите „непослушни координатори".