Македонија ќе ѝ донира 12 хеликоптери на Украина, а ќе купи 8 нови

Илустрација

Македонија ќе и донира 12 стари хеликоптери „ми-24“ на Украина. Оваа одлука ќе се разгледува в среда на владина седница на предлог на министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат вели дека анализата на Генералштабот за тоа дали земјава може да ги донира хеликоптерите Ми-24 е завршена и дека на следната владина седница ќе биде доставен предлог за донесување на одлука со која Македонија ќе и донира 12 хеликоптери на Украина. Нагласи дека ваквата одлука нема да влијае на борбената готовност на Армијата.

„Сета опрема која што досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме,“ рече министерката.

Видете и ова: Македонија – една од ретките земји кои на Украина ѝ донира воени авиони

Дополнително Министерството за одбрана ќе набавува нови повеќенаменски хеликоптери, најверојатно осум на број, кои ќе имаат првенствено транспортна улога, а не борбена, изјави вчера во интервјуто Петровска. Таа изјави дека стигнати се пет понуди од различни држави и компании и во моментов се прави евалуација од страна на Интегриран проектен тим кој веќе во април треба да достави извештај до министерката. Намерата е леталата што ќе се купат да бидат повеќенаменски и освен за одбраната, да можат да се користат и за цивилната заштита и спасување.

„Кога се правени плановите за трансформација на нашата армија, утврдено е дека согласно нашите цели на способности и НАТО-цели на способности, борбената компонента во делот на хеликоптерската единица нема веќе да биде во функција, а ќе се набавуваат транспортни хеликоптери кои првенствено ќе имаат задача да ги завршуваат потребите на армијата, но, се разбира, ќе бидат оспособени да извршуваат и други задачи кои sе од поширок интерес за граѓаните.

Видете и ова: Радев одби да испрати борбени авиони и тенкови од советската ера во Украина 


Таа додава дека овие хеликоптери нема да се користат за борби.

„Не им е таа намената поради тоа што согласно плановите наши, борбената хеликоптерска единица не е дел од формацијата.“

Досегашните вкупно седум донации за Украина во воена опрема без последнава одлука за донација на хеликоптери изнесува околу 30 милиони евра, вели Петровска и додава дека за само помалку од една година Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема.