Контраофанзива

МАКЕДОНИЈА - Осудениот поранешен директор Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби условна казна затвор за предметот „Плацевите на Водно, откако Апелациониот суд денеска соопшти дека му ја уважиле жалбата на пресудата со која беше осуден на 1 година и 3 месеци затвор. За разлика од него на поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски Апелација го осуди на две години повеќе од предвиденото во пресудата односно на вкупно 9 години затвор за истиот предмет.

ЕСТОНИЈА - Министерството за надворешни работи на Естонија соопшти дека денеска го повикало вршителот на должноста на руската амбасада во Талин и му врачило дипломатска нота дека вработен во руската амбасада со дипломатски статус е прогласен за „персона нон грата. Според извештаите, Министерството за надворешни работи на Естонија смета дека активноста на рускиот дипломат била спротивна на Виенската конвенција за дипломатски односи и тој мора да ја напушти Естонија најдоцна до 29 март.

МАКЕДОНИЈА - На четириесет и двегодишен битолчанец му се слошило откако испил вода во угостителски објект по што бил пренесен во Клиничката болница во Битола, а оттаму на Клиниката за токсикологија во Скопје. Директорот на Клиниката за токсикологија во Скопје, Ридван Бајрами во изјава за МИА потврди дека кај нив е примен пациент од Битола, кој според исказот, побарал вода во угостителски објект, но наместо тоа му е дадено корозивно средство.

МАКЕДОНИЈА - Полицијата спречи шверц на 35 килограми марихуана, во вредност од 100 илјади евра, соопшти Министерството за внатрешни работи. Во акцијата се уапсени двајца луѓе во чие возило била откриена дрогата. Уапсените се од скопско село Арачиново. Тие не го испочитувале знакот да запрат што им го упатиле полицајците на наплатна станица Тетово, на автопатот Гостивар – Тетово и побегнале, оштетувајќи службено полициско возило, но набргу се запрени и приведени. Во багажникот на возилото, полицијата пронашла четири вреќи со марихуана, со вкупна тежина од околу 35 килограми, со вредност од околу 100.000 евра.

ЦРНА ГОРА - Црна Гора го потврди идентитетот на До Квон и Хон Чанд Јун, кои на 23 март беа уапсени во земјата, соопшти црногорската полиција. До Квон и хон Чанд Јон се задржани по сослушувањето во обвинителството, а полицијата најави дека полицијата против двајцата ќе поднесе кривична пријава за фалсификување исправа. Тие беа уапсени на аеродромот во Подгорица поради фалсификување патна исправа. На пасошката контрола на летот за Дубаи, тие употребиле фалсификувани костарикански пасоши.

ФРАНЦИЈА - Француската Влада денеска им забрани на сите државни службеници инсталирање и користење на апликации за забава како што се социјалната мрежа ТикТок, американската стриминг платформа Нетфликс или играта Кенди креш на службените компјутери и телефони. Неименувани соработници на министерот за јавна администрација Станислас Гуерини истакнаа дека тие апликации носат „ризици во однос на кибербезбедноста и заштитата на податоците на јавните службеници и администрацијата“.

КИНА - Кина денеска се закани со „сериозни последици“ откако американската морнарица втор ден кружи со разурнувач околу спорните Парацелски Острови во Јужното Кинеско Море.
Пекинг го оцени тоа како кршење на неговиот суверенитет и безбедноста. Предупредувањето доаѓа во време на растечки тензии меѓу Кина и Соединетите Американски Држави (САД) во регионот на Јужното Кинеско Море, стратешка пловна рута на која Пекинг смета дека скоро целосно полага право.

МАКЕДОНИЈА - Вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм денеска се собраа на протест пред Министерството за финансии, изразувајќи незадоволство поради своите месечни примања. Како што изјави претседателот на Синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски, платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата е и по 10 илјади денари.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно ги повика бугарските власти да ги почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, коишто Бугарија ги нема спроведено до денес во однос на почитувањето на правата на здружување на Македонците.

МАКЕДОНИЈА - Во 2021 година очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ бил 80,1 година. Во 2019 година очекуваниот животен век во ЕУ достигна 81,3 години, но потоа се намали за 0,9 години на 80,4 во 2020 година и во 2021 година за дополнителни 0,3, веројатно поради неочекуваниот раст на смртноста од ковид-19, покажуваат податоците на Евростат.
Очекуваниот животен век кај нас за една година е намалена за 1,2 години од 74,4 години во 2020 на 73,2 во 2021 година. Ова е трето намалување по ред, по пикот од 76,7 години во 2018, па падот на 76,6 во 2019 и 74,4 во 2020 година.

УКРАИНА - Командантот на украинските копнени сили, Олександр Сирски изјави дека неговите сили наскоро ќе започнат контраофанзива. Тој додаде дека членовите на руската паравоена група Вагнер, кои биле на фронтот заедно со руските сили во Украина, „им недостасува сила“. Ќе ја искористиме оваа можност многу брзо, како што направивме претходно во близина на Киев, Харков и Купјанск, посочи Сирски.